Ние на шопинг во Врање, тие по цигари и бензин кај нас

Врање / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Секој викенд кафеаните и продавниците во Врање се преполни со Македонци, кои одат на пазарување и во рестораните. На градскиот паркинг нашите граѓани бараат место повеќе, а вообичаено има паркирано и по неколку автобуси на агенциите што организираат еднодневна прошетка. Автобусите кон Врање тргнуваат околу 7 часот наутро, а се враќаат околу 17 часот, а цената е 500 денари. Но, ако сакате од петок да резервирате за сабота, тешко ќе успеете – овој еднодневен излет мора однапред да се испланира, затоа што обично сè е пополнето.

Нашите сограѓани велат дека тешко се доаѓа и до место во ресторан, ако навреме не се резервира.

– Отидов од љубопитство и се изненадив дека едвај најдов место каде да седнам. Ме прашуваа за резервација, не очекував. Искрено, сум имал и поубаво гурманско искуство во некои наши ресторани. Но, ете за промена… Она што го забележав е што таму порциите се многу големи, а цените се слични како нашите, односно малку е поевтино. Ручек за двајца со салата и ракиичка во наши пари ме чинеше околу 1.200 денари. Слушам порано било поевтино и можело нешто да се испазари низ продавниците. Сега, колку што ги видов цените, таму е и поскапо. Поевтино може да се купи месо и видов дека за тоа имаше интерес – го раскажа своето искуство нашиот соговорник.

Туристите во Врање, сепак, раскажуваат дека тамошниот „Лидл“ и пазарот се преполни од нашите сограѓани.

– Повеќе ми е интересно да пронајдам некој нов производ, што го нема тука. Не е нешто до цените… – вели нашата соговорничка.

Апсурдно, но истовремено додека нашите ги полнат продавниците и рестораните во Врање, врањанци доаѓаат во Македонија.

„Двете најсиромашни општини во Пчињската област се Прешево со просечна плата од 59.263 динари и Бујановац со 62.456 динари, а највисоки просечни плати имаат жителите на Врање – 69.427 динари, така што граѓаните од тие општини често одат во Северна Македонија, или во Косово од две причини: да ги полнат цистерните на автомобилите со гориво и да купат цигари и стока што се многу поевтини таму отколку во Србија“, пишува Јужневести.ком.

За овој портал, еден жител од Бујановац изјавил дека оди во Македонија барем еднаш месечно да го наполни резервоарот.

– На 60 литри дизел што го точам, заштедувам речиси 30 евра, па со тие пари си купувам 15 кутии цигари „ротманс“ што овде чини 380 динари, додека во Македонија и во Косово е 20 евра штека – изјавил жителот од Бујановац.

Српскиот портал наведува и дека просечната плата во Македонија е повисока отколку просеците во овие општини на Јужна Србија, но дека цените се пониски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот