„Нежен и милозвучен глас“: Дина Јашари ја освои хрватската публика на јубилејниот концерт на „Елементал“ во Загреб

Фото: Инстаграм/Дина Јашари

Со голем двочасовен концерт во Загреб, хрватската хип-хоп група „Елементал“ во саботата го прослави своето 25-годишно постоење на регионалната музичка сцена.

Македонската пејачка и кантавторка Дина Јашари и нејзината придружна група „Другари“ настапија како предизведувачи на концертот и ја освоија хрватската публика.

Хрватските медиуми споделија многу позитивни критики за нејзиниот настап и „магичен вокал“.

„Нежниот, сладок и милозвучен глас и сонливите хармонии и ритмични мелодии на дрим-поп, со елементи на трип-хоп и соул, беа спакувани во неодолива изведба и енергија со розови срца на видеоекранот. Сигурна и, истоврмено, приземјена, Дина Јашари и нејзината група ‘Другари’ ја загреаа публиката за она што следуваше“, пишува еден од најреномираните музички портали во Хрватска – „Глазба“.

Фото: Инстаграм/Дина Јашари

Исто така, оттаму велат дека Јашари со своите емотивни стихови на македонски јазик ѝ подарила нешто налик „звучна прегратка“ на присутната публика на градскиот стадион Шалата во Загреб.

Како потсетување, Дина Јашари е една од најуспешните млади македонски изведувачки на алтернативна музика, која полека, но сигурно ја освојува регионалната музичка сцена.

Ана Ќурчин и Дина Јашари / Фото: Фејсбук/Фондацијата на Милан Младеновиќ

Минатата година беше добитничка на престижната музичка награда „Милан Младеновиќ“, што традиционално се доделува во чест на покојниот фронтмен на „Екатарина Велика“.

Исто така, Јашари неодамна објави дека ќе настапи и на годинашното издание на регионалниот музички фестивал „Егзит“ во Нови Сад, Србија. Фестивалот ќе се одржи од 6 до 9 јули, а неа ќе ја видиме на сцената „Фјужн“.

Фото: Инстаграм/Дина Јашари

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот