
Невозможна мисија е секојдневното ажурирање на цените во дуќаните
За каква операција станува збор, треба да се знае дека во еден систем на еден супермаркет или хипермаркет има стотици илјади производи, а во базите на помалите дуќани има и по неколку илјади такви ставки. За таа цел ќе треба да се ангажира дополнителна работна сила, со која и сега трговците не може да се пофалат
Невозможна мисија е предлогот на премиерот Мицкоски, трговците на своите веб-страници, транспарентно и на дневна основа да ги ажурираат цените, брифираат менаџери на големи маркети за „Слободен печат“. Тие реагираат дека во изминатиот период имаат работа преку глава со промените на цените од разноразните кошнички.
Препорачано
– Ова не е пазар, па едноставно да го свртиш картонот од другата страна. Пазарџиите на дневна основа ги качуваат или ги спуштаат цените, што ќе рече ги „ажурираат“ без да чепкаат во компјутерот, а најголемиот дел од нив ги формираат цените и од око – критикуваат трговците.
За каква операција би станало збор, треба да се знае дека во еден систем на еден супермаркет или хипермаркет има стотици илјади производи, а во базите на помалите дуќани има и по неколку илјади такви ставки. За таа цел ќе треба да се ангажира дополнителна работна сила, со која и сега трговците не може да се пофалат. Помалите дуќани, пак, не располагаат со вакви надворешни тимови, па нивните сопственици тоа го прават вон работното време и повторно не може да стигнат да ги ажурираат цените.
Затоа и не е чудно што сè повеќе граѓани реагираат дека цените на касите не одговараат со оние на рафтовите, за што одамна предупредува и Организацијата на потрошувачите. Од друга страна, вработени што на неделна основа ги подготвуваат летоците со цените за неделните акции, дополнуваат дека ова е многу стресна и обемна работа, па не случајно тие се оградуваат дека не одговараат за евентуалните грешки.
– Летоците се подготвуваат цела недела, содржат десетина или дваесетина производи кои се на акција. Првично треба да се види дали тој производ го има доволно на лагер, дали неговата испорака ќе биде навремена и за каков рок на траење станува збор. Многу често се случува производот што е на акција, да не ни биде донесен од добавувачот, па граѓаните го бараат и ни се лутат што го нема во дуќанот – брифираат трговците.
Инаку, идејата на Мицкоски не е нова. Хрватскиот консултант и статистичар Марко Криштоф во објава на социјалните мрежи неодамна презентираше многу едноставно и потенцијално ефикасно решение за проблемот со поскапувањето на кое прибегнаа во Израел и во Италија, а кое всушност резултираше со намалување на цените, пишува Јутарњи лист.
– Израелскиот закон за транспарентност на цените од 2014 година беше успешно копиран во Италија. Законот е многу едноставен и бара супермаркетите да ги објавуваат цените на сите производи на своите веб-локации и дека не смеат да ги ограничуваат ботовите што ги преземаат. Интересно е што оваа мерка, исто така, драстично ги намали регионалните разлики во цените (кои во Хрватска се огромен проблем), бидејќи супермаркетите почнаа да ставаат исти цени во сите свои продавници – напиша Криштоф.
Тој нагласува дека најважен аспект од примената на израелското право е транспарентноста и достапноста на цените на сите производи. Во Хрватска, слично како и во Македонија, во моментов се достапни само промоциите. Хрватскиот консултант е убеден дека по транспарентното објавување на сите цени, многу брзо би се појавиле голем број услуги и апликации за нивна споредба, со што потрошувачите полесно ќе ги најдат најповолните опции.
Израелскиот Закон за храна беше донесен во 2014 година, по големите немири предизвикани од цената на основните потреби. Законот вклучуваше обврска за сите супермаркети да ги објавуваат и да ги ажурираат цените на сите артикли онлајн. Од мај 2015 година, кога стапи на сила законот, израелските потрошувачи можеа да користат голем број бесплатни платформи за споредување на цените, што им го олеснува планирањето на трошоците. Студијата на израелските економисти Орен Ригби и Итаи Атер, објавена во 2018 година, го покажа значителното влијание на тој закон, а домаќинствата успеаја да заштедат околу 27 долари месечно. Сега и Хрватска со закон ќе воведе вонредни мерки за контрола на цените.