Нетанјаху го отфрли предлогот на Бајден да отстапи од судските реформи

Бенјамин Нетанјаху / Фото: EPA-EFE/MIRIAM ALSTER / POOL

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го отфрли повикот на американскиот претседател Џо Бајден да се „отстапи“ од предложените судски реформи кои доведоа до масовни протести низ Израел. Нетанјаху рече дека не носи одлуки врз основа на притисок од странство.

Нетанјаху го одложи предлогот во понеделникот, откако голем број луѓе повторно излегоа на улиците. Белата куќа првично сугерираше дека Нетанјаху треба да бара компромис, но Бајден, како одговор на новинарските прашања, прецизираше точно каков потег очекува од Нетанјаху. „Се надевам дека ќе се повлече од тоа“, рече Бајден, пренесува Гардијан.

„Како и многу силни поддржувачи на Израел, јас сум многу загрижен… Тие не можат да продолжат по овој пат и јас јасно го кажав тоа. Се надевам дека премиерот (Нетанјаху) ќе дејствува на начин да се обиде да најдете вистински компромис, но тоа останува да се види“, нагласи Бајден за време на посетата на Северна Каролина.

Тој додаде дека не размислува да го покани израелскиот лидер во Белата куќа „во блиска иднина“. Претходно, американскиот амбасадор во Израел, Том Нидес изјави дека се очекува Нетанјаху да биде поканет во Белата куќа со Бајден „штом може да се усогласат нивните распореди“.

Нетанјаху набрзо му одговори на Бајден со изјава. „Израел е суверена земја која ги носи своите одлуки по волјата на својот народ, а не врз основа на притисокот од странство, вклучително и од најдобрите пријатели. Го познавам претседателот Бајден повеќе од 40 години и ја ценам неговата долгорочна посветеност за Израел“, истакна тој.

Тој рече дека израелско-американскиот сојуз е нераскинлив и „секогаш ги надминува повремените несогласувања“. „Мојата администрација е посветена на зајакнување на демократијата со враќање на правилната рамнотежа меѓу трите гранки на власта, што сакаме да го постигнеме преку широк консензус“, заклучи тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот