Немири во Бејрут: Војската со боева муниција и гумени куршуми пукаше кон демонстрантите (ВИДЕО)
Либанската армија испука боева муниција и гумени куршуми во воздухот за да ги растера стотиците антивладини демонстранти кои се обидоа да влезат во претседателската палата.
Демонстрантите се собраа денеска во предградието на Бејрут, Баабди, од каде се упатија кон претседателската палата за да го изразат својот револт бидејќи, како што изјавија, владата не презеде одговорност за неодамнешната разорна експлозија во либанскиот главен град.
На истото место во предградието Баабди, на пат кон претседателската палата, се собраа симпатизерите на либанскиот претседател Мишел Аун, кои придонесоа за тензиите.
Стотици војници спречија судир меѓу двете групи, по што група антивладините демонстранти се обидоа да го пробијат армискиот кордон пред палатата.
Војниците испукале неколку куршуми со боева муниција во воздух, а потоа и гумени куршуми, со цел да ги растераат демонстрантите.
Некои од демонстрантите фрлаа камења и гранки кон армијата, повредувајќи неколку војници.
Демонстрантите, како и дел од либанската јавност, ги обвинуваат либанските политичари, претставниците на безбедносниот систем и судството, дека знаеле дека во пристаништето Бејрут се чува опасен хемиски материјал, што доведе до разорна експлозија и дека тие не сториле ништо за тоа.
Во експлозијата загинаа околу 190 лица на 4 август, додека над 6.000 беа повредени.