Немаме закон, само препорака до училиштата за употреба на мобилни телефони за време на настава

Телефон во училиште илустрација / Фото: Olena Afanasova / Alamy / Alamy / Profimedia

УНЕСКО неодамна побара од училиштата на глобално ниво да воведат забрана за користење на смартфоните, бидејќи негативно влијаат врз учениците. Во Глобалниот извештај за мониторинг на образованието во изминатите 18 години, во кој предлага сеопфатна проценка и препораки за образованието ширум светот, посебен акцент е ставен на „забраната на мобилните телефони“ и нивното влијание врз образованието. УНЕСКО го поврзува претераното користење смартфони со намален успех, ги изложува децата на насилство и ги прави емотивно нестабилни. Македонија нема законска регулатива и училиштата сами го одредуваат ова правило. Од Министерството за образование и наука за „Слободен печат“ велат дека во мај Владата усвоила десет препораки со кои се очекува подигнување на безбедноста во училиштата и намалување на врсничкото насилство.

Една од препораките е општините и Град Скопје да ги задолжат директорите на основните и средни училишта да направат организација и протокол за начинот на користење на мобилните телефони на учениците и наставниците за време на часовите и во просториите на училиштата – велат од МОН.

Од Министерството појаснуваат дека неопходно е да се ограничи употребата на смартфони во училиштата, бидејќи така ќе се поттикне дискусија, размена на идеи, отворени разговори, фокусирање на содржината на учење и друго.

Инаку, ова прашање ќе биде уредено и со безбедносен протокол кој ќе биде подготвен во консултација со повеќе страни и чинители на воспитно – образовниот процес и претставници на институции – додаваат од МОН.

Соседите со конкретни мерки за забрана на телефони во училишатата

Албанија веќе воведе забрана за употреба на смартфони за време на настава во основните и средните училишта која важи за учениците, но и за наставниот кадар.

За елиминирање на масовната појава на употреба на мобилни телефони за време на наставата, Министерствата за образование и за финансии на Албанија потпишаа заедничка наредба, која има за цел забрана на користењето мобилни телефони на учениците од средно образование. Истото се однесува и за просветните работници.

Во случај да не се почитува наредбата и да се користи мобилен телефон од страна на ученици или наставници во просториите на училиштето, управата на установата ќе го одземе мобилниот телефон и ќе примени и дисциплински мерки.

Во Србија, Форумот на средните стручни училишта изрази загриженост за тоа што училиштата немаат покренато кампања за забрана на мобилни телефони во училиштата и апелираа таа да се спроведе што поскоро.

Одлуката дали некое училиште ќе воведе забрана за користење на мобилни телефони за време на наставата во Србија е препуштена на секое училиште.

Министерството за образование соопшти дека Законот за основите на системот за образование и обука е јасен во однос на неправилната употреба на мобилните телефони и дека употребата на мобилни телефони се смета за сериозна повреда за што опомената на директорот и опомената на се загрозени наставничкиот совет.

Како во ЕУ се применува забраната за телефони меѓу учениците

Целосната забрана за употреба на телефони во училиштата прва ја воведе Франција во 2018 година, а во Холандија оваа одлука ќе стапи во сила од 1 јануари 2024 година.

Холандија воведува забрана за смартфони, таблети и паметни часовници во училиштата. Исклучок ќе има само за часовите по дигитални вештини, или доколку учениците со попреченост или други медицински состојби имаат потреба од уреди.

Министерот за образование на Холандија, Роберт Дајкграф изјави дека „на мобилните телефони не им е место во училниците“, иако се составен дел од нашите животи.

Учениците треба да можат да се концентрираат и треба да имаат шанса добро да учат. Мобилните телефони се пречка, покажуваат научните истражувања. Треба да ги заштитиме учениците од тоа, додаде тој.

Дајкграф соопшти дека ќе има казни доколку забраната не е имплементирана до летото 2024 година.

Финска која е позната по одличните резултати на тестовите за училишна способност ПИСА, сака да го промени моменталниот опаѓачки тренд и да промовира фокусирана средина за учење така што ќе ги забрани мобилните телефони во училиштата. Во Германија, пак, само покраината Баварија формално има забрана за мобилни телефони во училиштата.

Во извештајот на УНЕСКО се посочува дека е важно да се поддржува „визија за образованието ориентирана кон народот“, со која се гарантира дека дигиталните технологии ја дополнуваат интеракцијата со учителите лице-в-лице, а не ја заменуваат.

Неколку земји веќе воведоа забрани за користење на паметни телефони во училиштата, со оглед на потенцијалното влијание врз академските постигнувања на учениците. Гвинеја, Летонија, Мексико, Португалија, Шпанија, Швајцарија, САД, Канада, Шкотска, Бангладеш, Таџикистан и Узбекистан се меѓу земјите со различни форми на забрана за мобилни телефони во образовната средина.

Во Белгија, Шпанија и Англија е забележано подобрување на академските резултати, особено меѓу учениците со послаби резултати, по воведувањето на забраните за употреба на мобилни телефони во училиштата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот