Нема да му се суди на разрешениот судија Лазар Нанев, кој после стана инспектор
Се запира кривичната постапка за разрешениот судија Лазар Нанев и официјално објави велешкиот суд на својата веб-страница откако Обвинителството го повлекло обвинителниот предлог што го поднесе против него за несовесно работење на службата.
Препорачано
-По предметот К.бр. 224/ 25 против обвинетиот Л.Н од Кавадарци за кривично дело Несовесно работење во службата од чл.353-в ст.4 од КЗ е донесено Решение со кое -Постапката поведена по обвинителен предлог III КО.бр.46/25 од 23.06.2025 година на ОЈО Велес против обвинетиот Л.Н. од Кавадарци, за кривично дело Несовесно работење во службата од чл.353-в ст.4 од КЗ СЕ ЗАПИРА. Вака донесеното решение е врз основа на чл.62 ст.2 од ЗКП, а од причина што Основното јавно обвинителство Велес со писмен поднесок од 02.03.2026 година го извести судот дека го повлекува обвинителниот предлог против обвинетиот и се откажува од понатамошно гонење за кривичното дело Несовесно работење во службата од чл.353-в ст.4 од КЗ – се вели во соопштението од велешкиот суд.
„Слободен печат“ на почетокот на месецот испрати прашања до Обвинителството зошто одлучи да го повлече обвинителниот предлог, но одговор не добивме. Нанев беше разрешен од функцијата во октомври 2024 година, а подносител на барањето за утврдување на одговорност беше поранешната претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева, откако излезе информација дека Нанев телефонски се слушнал над 90 пари со обвинет во предмет кој тој самиот го водел, а против него се водеше уште една постапка во Судскиот совет.
Против него беше поднесена кривична пријава, а во меѓувреме тој стана инспектор во Министерството за внатрешни работи. Тој лани бил вработен како инспектор во кавадаречката полиција, каде претходно работел до 2002 година, па по разрешувањето работното место го чекало 23 години.


