Не земајте магнезиум со оваа храна: Ја спречува апсорпцијата и го поништува ефектот на додатокот
Земањето додатоци на магнезиум може да придонесе за подобро здравје на срцето, пониско ниво на шеќер во крвта, поретки мигрени и бројни други придобивки. Но, постои една важна пречка што најнапред треба да се совлада – телото не го апсорбира секогаш магнезиумот доволно ефикасно, пишува „Живим“.
Препорачано
Според податоците на Националниот институт за здравје, при внес на храна богата со магнезиум, организмот успева да апсорбира само 30 до 40 проценти од неговата содржина. Дури и кога земате додатоци, некои форми на магнезиум имаат послаба биорасположливост, односно телото ги користи потешко. Затоа е важно да се внимава на факторите што ја намалуваат апсорпцијата, особено комбинирањето со одредени намирници, како што е спанаќот.
Иако спанаќот се смета за здрава и хранлива намирница, тој не е најдобар придружник на додатоците од магнезиум. Причината лежи во оксалатите, природни соединенија што се присутни во ова зеленолисно растение.
Оксалатите се познати по тоа што, при повисоки концентрации во урината, можат да придонесат за создавање камења во бубрезите. Но, тие не влијаат само на бубрезите – тие се врзуваат и со магнезиумот, што го отежнува неговото искористување во организмот.
Интересно е што оваа појава може да има и позитивна страна: бидејќи магнезиумот се врзува со оксалатите, помага да се спречи нивното наталожување во телото. Сепак, при тоа и самиот магнезиум се губи, бидејќи се излачува заедно со нив.
Друг фактор што ја намалува апсорпцијата на магнезиум е високата содржина на калциум во спанаќот. Една чаша варен спанаќ содржи околу 245 милиграми калциум – приближно исто како 120 грама јогурт.
Кога во организмот истовремено влегуваат и калциум и магнезиум, телото често го „претпочита“ калциумот, што значи дека магнезиумот ќе се апсорбира во помала количина. Затоа, ако земате додаток од магнезиум заедно со храна богата со калциум, ефектот може да биде послаб.
Ова не значи дека треба целосно да избегнувате спанаќ. Едноставно, раздвојте го времето на консумирање – земете го додатокот од магнезиум неколку часа пред или по оброкот со спанаќ.
Дополнително, истражување објавено во 2023 година во списанието „Микроорганизамс“ покажа дека ферментираниот спанаќ содржи значително помалку оксалати од свежиот, па со тоа помалку ја попречува апсорпцијата на магнезиум.
За најдобри резултати, земајте магнезиум на празен стомак или со лесен оброк што не содржи многу калциум. Комбинирајте го со доволно вода и избегнувајте да го пиете заедно со спанаќ, млечни производи или кофеински пијалаци. Така ќе му помогнете на телото најдобро да го искористи овој важен минерал.


