„Не“ за владини пари во медиумите

Според ЗНМ, има простор за формирање Фонд за слободни медиуми и новинари, со кој би се поддржале новинарски производи.

Новинарските здруженија го отфрлија предлогот на премиерот Зоран Заев за отворање дебата за враќањето на владини пари во медиумите. Од Здружението на новинари појаснуваат дека не сакаат да се експериментира со решенија што ќе создадат траен клиентелистички однос меѓу Владата и медиумите. Според ЗНМ, има простор за формирање Фонд за слободни медиуми и новинари, со кој би се поддржале новинарски производи.

Претседателот на Синдикатот на новинари (ССНМ) Павле Беловски за „Слободен печат“ вели дека се против вовлекување во процеси на отворање дебата за измени во Законот за аудиовизуелни услуги.

– ССНМ нема да биде инволвиран во процесот на враќање на членот 102 кој беше повлечен од 2018 година од Законот за аудиовизуелни услуги, а кој предвидуваше владини пари во медиумите. Со години, ставот на ССНМ по ова прашање не е променет и тој е против буџетски пари од Владата во медиумите. Со оглед дека Владата е предлагач на законски решенија, а Собранието ја има последната одлука, таа е должна да ги земе предвид ставовите на новинарските здруженија, а не преку отворање процес на дебата да ги инволвира за да постигне некаква согласност за овие промени. Остануваме будни по ова прашање, без да се впуштаме во креирање какви било нови решенија – вели Беловски.

Тој апелира до Владата да не се затскрива зад кредибилитетот на еснафските здруженија, бидејќи доколку е решена да закупува простор кај радиодифузерите, тоа може да го направи и без согласност на новинарските здруженија, преку законодавниот дом. Беловски смета дека со вмешувањето на новинарите во процесот, нив ги става на средина, помеѓу газдите на медиумите и државните пари што Владата ќе ги троши за рекламирање кампањи од јавен интерес.

И претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски вели дека ставот за можноста од владини пари во кампањи е добро познат.

– Имавме едно такво искуство и не би сакале да ни се повтори, ниту сега ниту во иднина. Во однос на дебата за Фонд за слободни медиуми и новинари со кој би се поддржале новинарски продукти има простор за разговор, но тоа е сосема различно од платени кампањи – вели Чадиковски за „Слободен печат“.

Премиерот Зоран Заев најави дека Владата ќе прави кампањи од јавен интерес, како што би била, на пример, онаа за вакцинација. Тој рече дека државата не сака да прави владини кампањи во медиумите со парите на граѓаните, туку да ги зајакне медиумските работници во делот на нивното функционирање и независност. Заев најави и формирање Фонд за продукции, за содржини што ги има во светот, а кај нас ги нема.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот