Не е само до просечната плата и до цената на лебот е

unsplash
Леб / Фото: Архива

Јануари е најдолгиот месец во годината бидејќи по новогодишните празници пристигнуваат сметките што треба да се подмират. Од лани постепено трошоците за живот се зголемија, а особено од почетокот на годинава со зголемувањето на цената на електричната енергија. Засега, до крајот на овој месец, цените на основните прехранбени производи со одлука на Владата остануваат замрзнати, но не се знае дали така ќе биде и понатаму со оглед на реакциите на производителите, особено оние од мелничарската индустрија кои велат дека цената на лебот е неодржлива.

Според последниот извештај за труд на Државниот завод за статистика (ДЗС) кој се однесува на месец октомври 2021 година просечната нето плата исплатена по работник во РС Македонија изнесувала 29.145 денари. Последните пресметки, пак, на Сојузот на синдикати на Македонија за месец декември се дека минималната синдикална кошничка овој месец изнесувала 35.042 денари.

-Оваа година можеби ќе ни недостасуваат и повеќе од 6.000 денари месечно, имајќи ја предвид инфлацијата, оти сè е покачено. Оваа минимална синдикална кошничка за едно четиричлено семејство ние ја пресметуваме да биде токму на прагот за едно голо преживување. Тука не може ни да стане збор за некаков станбен кредит или штедење за годишен одмор, туку едноставно за леб и сол за да се издржи месецот, вели за „Слободен печат“ Иван Пешевски, потпретседател на ССМ за приватен сектор.

Ги споредивме цените на основните производи и трошоци за едно домаќинство со оние на семејствата од земјите во регионот имајќи ја предвид содржината на нашата синдикална кошничка каде секогаш се става некаков просек, а внесени се и производи што ги објавува и ДЗС, но има и ставка за домување, исхрана и пијалаци, хигиена, превоз, облека, обувки, култура и одржување на здравјето. Како мерило зедовме основни прехранбени производи, а податоците ги зедовме од страницата Numbeo, која ги споредува трошоците за живот во сите градови и земји.

Од поранешните југословенски републики, животот е најскап во Словенија, а најевтин во Србија. Така, цената на белиот леб од 500 грама е највисока во Словенија и изнесува 1,22 евра, во Хрватска е 0,92 евра, во Србија е 0,46 евра, во БиХ – 0,58 евра, а во Македонија 0,53 евра. Литар млеко во Словенија чини 0,94 евра, во Хрватска 0,87 евра, во Србија 0,85 евра, во БиХ 0,73 евра, а во Македонија е 0,91 евро. Килограм компир во Словенија чини 0,84 евра, во Хрватска 0,68 евра, во Србија 0,53 евра, во БиХ 0,60 евра, а во Македонија е 0,56 евра. Килограм локално произведено сирење во Словенија чини 10,71 евро, во Хрватска 7,43 евра, во Србија 4,91 евро, во БиХ 5,84 евра, а во Македонија 5,20 евра.

Ваквите разлики во цените на прехранбените производи поттикнуваат пограничен пазар-туризам, односно жителите на пограничните места одат да пазарат основни производи во соседните земји каде што е поевтино.

Освен тоа, иако номинално цените во некоја земја се повисоки од соседната, мора да се има предвид и соодносот со просечната плата. Според последните официјални статистички податоци, највисоки просечни плати во регионот се забележани во Словенија и Хрватска, а најниските во Македонија, Србија и Босна и Херцеговина. Просечна нето плата во Словенија е 1.114 евра – или за таа плата можат да се купат 913 леба, додека во Хрватска е 864 евра – или може да се купат 939 леба. Во БиХ просечната исплатена месечна нето плата изнесува 472 евра – или со неа можат да се купат 813 леба. Според податоците на Републичкиот завод за статистика на Србија, просечната плата во Србија изнесува 561 евра – или со неа можат да се купат 1304 леба. Последните податоци за исплатена нето плата во Македонија се 473 евра за кои можат да се купат 894 леба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот