Науката вели: Илузиите на теоретичарите на заговор влијаат на сите нас

илуминати
Фото: Unsplash / Thought Catalog

Теоретичарите на заговор имаат фундаментален когнитивен проблем, велат научниците. И тоа може да влијае на сите нас.

Светот е застрашувачко, непредвидливо место и тоа го „вознемирува“ вашиот мозок. Како орган за предвидување, мозокот е постојано во потрага по шеми кои и го објаснуваат светот и ви помагаат да напредувате во него. Таа способност им помага на луѓето да го сфатат светот. На пример, веројатно досега сте разбрале дека ако видите црвено, тоа значи дека треба да внимавате на опасност. Ако некаде нешто чади – веројатно некаде има пожар и тоа е сигнал прво: да побегнете, второ: да побарате помош од противпожарна.

Но, како што известуваат научниците во трудот од 2017 година објавен во Европското списание за социјална психологија, понекогаш луѓето чувствуваат опасност дури и кога нема шаблон за препознавање – и така нивниот мозок создава свој „дизајн“. Овој феномен, наречен перцепција на илузорни шаблони, пишуваат тие, е она што ги тера луѓето кои веруваат во теории на заговор, како што се негирачите на климатските промени, вистината од 11 септември, „Рамноземјашите“, луѓето убедени дека живееме во симулација, итн.

Мозок/Unsplash
Мозок/Фото: Unsplash

Студијата е особено актуелна: Неодамнешните анкети покажуваат дека речиси 50 отсто од обичните граѓани на Америка веруваат во барем една теорија на заговор.

Перцепцијата на илузорните шаблони – чинот на барање шеми што ги нема – претходно беше поврзана со верувањето во теории на заговор, но таа претпоставка никогаш не била навистина поддржана со емпириски докази. Британските и холандските научници кои стојат зад новата студија се едни од првите кои покажаа дека ова објаснување е, всушност, точно.

Истражувачите дојдоа до овој заклучок откако спроведоа пет студии на 264 Американци кои се фокусираа на врската помеѓу ирационалните верувања и перцепцијата на илузорните модели. Првичните студии открија дека принудата да се пронајдат шаблони во забележлива ситуација всушност била во корелација со ирационални верувања: луѓето кои гледале шаблони во случајно фрлање монети и хаотични, апстрактни слики имале поголема веројатност да веруваат во заговорни и натприродни теории.

Студијата покажа колку луѓето можат да бидат подложни и на надворешни влијанија. Читањето за паранормални верувања или теории на заговор, велат истражувачите, предизвикало „благо зголемување на перцепцијата на шаблоните во фрлањето монети, сликите и животот“, а читањето за една теорија на заговор ги натера луѓето да веруваат во друга. Таквата низа на „верувања“ го тера мозокот да создава дополнителни шеми кои немаат крај, и се надополнуваат една со друга.

„По манипулација со верувањето во една теорија на заговор, луѓето гледаа на настаните во светот како интензивно, случајно поврзани, што пак предвидуваше неповрзани ирационални верувања“, пишуваат авторите.

Истражувачите сугерираат дека ирационалните верувања се раѓаат од перцепцијата на шаблонот поради „автоматската тенденција да се направи смисла светот преку идентификување на значајни односи меѓу стимулите“. Но, може да се случат изобличувања, а мозокот може да поврзе точки кои всушност не постојат. Луѓето се лоши во проценувањето на она што е случајно и веруваат дека, честопати, обрасците се всушност случајности, што доведува до ирационални врски помеѓу неповрзани стимули. На пример, само затоа што во општествената моќ доминираат богатите, не значи дека тие богати се илуминати,  сатанисти, иако тоа е нешто во кое многу луѓе веруваат. Или само затоа што не можете да отпатувате до вселената да ја видите планетата Земја, не значи дека таа е рамна.

За среќа, други научници најдоа начин да ја блокираат продорноста на перцепцијата на илузорните модели: критичко размислување. Професорката по психологија на Универзитетот во Северна Каролина, Ен Меклафлин, изјави за Inverse дека критичкото размислување е нешто што може да се научи и ако луѓето се обучуваат на вистински начин, псевдонауката и лажните заговори може да се комбинираат со логика и расудување.
Веруваме дека има многу теоретичари на заговор и околу нас, во нашево поднебје, и тоа најчесто се луѓе кои се „предаваат“ токму на таа низа на неповрзани стимули во кои веруваат, без да развијат критичка мисла, односно лична перцепција и истражување на теоријата што ја заговараат.

Мозокот може да се обиде да направи лажни врски, но тоа не значи дека треба да верувате во тоа, заклучуваат научниците.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот