Натпреварот кој ја смени историјата (ВИДЕО) – Слободен печат
СпортФудбал

Натпреварот кој ја смени историјата (ВИДЕО)

На денешен ден пред 29 години, на стадионот „Максимир“ во Загреб започна распадот на поранешната СФР Југославија.

На 13 мај 1990 година, Црвена Звезда му гостуваше на Динамо Загреб во рамките на првата лига на тогашната СФР Југославија и никој не насетуваше дека тој натпревар ќе ја смени историјата на целиот регион.

Во еден момент од натпреварот, навивачите на Динамо Загреб, влетаа на теренот со намера да се пресметаат со навивачите на Црвена Звезда. Дури тогаш се вклучи полицијата и започна пресметката во која, тогаш младиот, Звонимир Бобан скокна и го удри полицаецот Рефик Ахметовиќ. Тоа беше ударот кој ја смени историјата на поранешната држава.

– Се сеќавам на се. Тогаш ја ставив на „коцка“ својата кариера, но некои други, анонимни навивачи, ги ризикуваа животите. Повторно би го удрил полицаецот, но не сакав да бидам никаков херој, само реагирав на неправдата која траеше со години. Хероите заминаа во војна, а ние бевме само бунтовници – изјави пред неколку години Бобан за случувањата на „Максимир“.

Интересно, е што полицаецот Ахметовиќ тој ден бил слободен, но е повикан да се појави на „Максимир“ поради можни нереди.
– Можев да го убијам Бобан, бидејќи ме нападна на работно место. Куже го спаси бидејќи го оттргна од мене. Ние се обидувавме да ги смириме страстите. Имав наполнет пиштол и колегите ме наговараа да му пукам во грбот. Некои колеги ме наговараа да го „испегламе“ Бобан по натпреварот, но го одбив тој предлог – се потсетува полицаецот Ахметовиќ на случувањата од „Максимир“.

Според Си-Ен-Ен неодиграниот натпревар помеѓу Динамо и Црвена Звезда на 13 мај 1990 година, го смета за еден од петте спортски натпревари кои ја одбележаа светската историја.
– СФР Југославија беше пред распад и само се чекаше кога сето тоа ќе ескплодира. Во Хрватска пред натрпеварот на „Максимир“, на изборите победи партија која бараше независност. Случувањата на 13 мај 1990 година, беа вовед во најкрвавата војна по поразот на Германија во 1945 година – напиша Си-Ен-Ен.

Српските медиуми, објавија дека инцидентите се организирани од хрватските тајни служби со цел побрзо да се дојде до независност. А случувањата од „Максимир“ од свој агол ги опиша и најдобриот фудбалер на Црвена Звезда, Драган Стојковиќ.

– Беше ужасно. Се прашувам доколку натпреварот одлучуваше за титулата, и на стадионот да беа 60.000 навивачи – тоа би било масакр. Кога вакво нешто ќе се случи, човек треба да се запраша: дали фудбалот стана војна на две екипи или на две навивачки групи? Доколку е така, тогаш спортот ја загуби смислата. Ние не се исплашивме, туку бевме шлогирани од страв. Признавам дека се исплашивме дека нема да се извлечеме од Загреб живи. Навивачите се тепаа меѓу себе, камења летаа на сите страни и едвај го дочекавме знакот на судијата дека можеме да избегаме во соблекувалните, Полицијата не знаеше како да не пренесе до аеродромот бидејќи навивачите на Динамо, кршеа се што „мирисаше“ на Белград и Србија. Беа подготвени да уништат луѓе, возила, продавници – изјави Стојковиќ, веднаш по враќањето во Белград.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close