Наместо во експрес лонец, владата ќе се готви со крчкање

СДСМ неофицијално тврди дека има договор за парламентарно мнозинство, но официјално сѐ уште разговара, а активни разговори води и ВМРО-ДПМНЕ, чиј лидер Христијан Мицкоски завчера во Собранието се сретна со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Интензивните разговори и средби помеѓу парламентарните политички партии ниту вчера не резултираа со договор за мнозинство од 61 пратеник, само продолжи серијата од шпекулации за тоа кој со кого составува влада. Иако СДСМ неофицијално тврди дека има договор за парламентарно мнозинство и за составување влада, официјално сè уште разговара, а активни разговори води и ВМРО-ДПМНЕ, чиј лидер Христијан Мицкоски завчера во Собранието се сретна со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Разговорите за ново мнозинство се отежнати поради предизборната уцена на ДУИ дека идниот премиер мора да биде Албанец и тоа Насер Зибери, што беше одбиено и од лидерот на СДСМ Зоран Заев и од Мицкоски, но освоените 15 пратеника на ДУИ ја зајакнаа нејзината позиција. Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, завчеравечер не сакаше да открие детали како поминале разговорите помеѓу Заев и Ахмети на тема прв премиер Албанец, а СДСМ вчера соопшти дека разговараат исклучиво за формирање влада што се грижи за сите граѓани еднакво, ослободени од какви било етнички предрасуди или каков било национализам.

„Разговараме исклучиво за влада што нема никакви дилеми кога е во прашање нашиот заеднички пат, кој се вика Северна Македонија – „Едно општество за сите“. На 15 јули граѓаните на фер слободни и демократски избори дадоа силна поддршка грижата за сите во едно заедничко општество да продолжи уште повеќе и уште подобро. Тоа го побараа граѓаните на изборите и тоа новата влада предводена од СДСМ и ќе го испорача“, соопшти владејачката партија, чиј лидер Заев деновиве се сретна со претседателите на сите албански партии што освоија пратеници, а согласност за учество во владата засега доби од Мендух Тачи од ДПА.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, до вчера претпладне не соопштија никакви детали од едночасовната средба помеѓу Мицкоски и Ахмети, освен дека се разговарало за создавање ново парламентарно мнозинство, кое е можно со поддршка од двајцата пратеници на Левица и за кое деновиве дури се шпекулираше дека е договорено со тоа што компромисно решение за премиер би бил Лазар Еленовски, кој по татко е Македонец, а по мајка Албанец.

Османи завчера на ТВ Сител ги демантираше шпекулациите за Еленовски и оцени дека се пласираат за да му наштетат на преговарачкиот процес.

– Ние си имавме кандидат за премиер на изборите и таквите шпекулации се со намера да ѝ наштетат на ДУИ и да му наштетат на процесот. Во моментот кога ќе има нешто конкретно, граѓаните ќе бидат информирани. Мислам дека постои едно оптимално решение, кое ќе биде во интерес на граѓаните и на државата – рече Османи.

Тој информираше дека ДУИ прво разговарала со актуелниот коалициски партнер СДСМ, но најави дека Ахмети би разговарал со сите политички партии, затоа што е „здраво да се разговара со сите, за да се дојде до едно одржливо решение со цел побрзо формирање на институциите“. Османи претходно настапи и во ТВ21 каде што рече дека средбата помеѓу Заев и Ахмети била конструктивна и надежна за успешен епилог, но не и одлучувачка за таков епилог и дека најмногу се разговарало за враќање на изгубената доверба за време на кампањата. За шансите да се договорат за премиер Албанец, Османи рече дека треба да се почека и не е коректно да ги објават сите позиции.

Рокот за создавање на мнозинството тече и до 14 август претседателот Стево Пендаровски треба да го даде мандатот на онаа партија или коалиција што има мнозинство во Собранието, а мандатарот потоа до 4 септември треба да ја состави владата и да ја предложи пред пратениците. Ако не предложи влада, мандатарот ќе го врати мандатот кај претседателот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот