Наместо со современи друмски возила, дел од превозот се врши и со „ќумбиња“ на четири тркала

камиони
Камиони/ Фото: МИА

Камиони, комбиња и други транспортни возила крстосуваат по македонските патишта, иако според нивниот датум на производство, одамна требало да бидат рециклирани. Фрапантно е што повеќе од половина од 14.949 влечни возила за јавен превоз на стока и за превоз на сопствени потреби (состојба на 24 јуни годинава, Министерство за транспорт и врски) се со „евро 0“ и „евро 1“ стандарди за издувни гасови!

Истата статистика покажува дека со македонски регистрации има 2.773 камиони со „евро 5“ и 3.052 со „евро 6“ стандарди, кои се најеколошки. Иако светските студии покажуваат дека речиси една четвртина од емисијата на јаглерод диоксид во друмскиот сообраќај е од камионите, од осамостојувањето до денес, македонските институции не одговараат на барањата на транспортерите за помош при замената на старите генерации камиони и приколки, вели за „Слободен печат“ Билјана Муратовска од „Макам транс“.

– Македонските транспортери сами се грижат за набавката на своите возила, а досега немаме добиено ниту денар како поттик или помош. Како здружение на секоја средба со институциите го истакнуваме ова барање уште од 2009-та, со предлози како и кај нас да се изведе оваа операција. Европските земји веќе две децении изнаоѓаат разни начини да ги стимулираат превозниците, па дури и за набавка на филтри за воздух, кои би биле во насока на помало загадување во износ од 100 до 10.000 евра. Со оглед на фактот во каква состојба се и дел од државните камиони, имаше предлог тие да бидат заменети со откуп на понови генерации вакви возила од приватниците, а тие да си додадат средства и да набават уште поеколошки возила, но и тоа не помина – објаснува Муратовска.

Германија, на пример, пролетва објави дека превозниците ќе може да аплицираат за 15.000 евра субвенција за набавка на нов камион и до 5.000 евра за нова приколка. Камионите што германските транспортери ги набавуваат, мора да ги задоволуваат највисоките „евро 6“ стандарди и да бидат произведени во 2021 година. Тамошните превозници истовремено ќе мора да ги предадат за рециклирање старите возила што се со „евро 0“ до „евро 5“ стандарди.

– Европските земји го ограничуваат движењето на старите камиони и преку зголемените цени што се плаќаат за патарини. Разбирливо е што странските компании повеќе ги ангажираат транспортерите чии возила се со „евро 5 и 6“ стандарди, заради поголема сигурност и побрз транспорт. Покрај примарната еколошка цел, во ЕУ сакаат да ја забрзаат обновата на транспортната друмска флота, да им помогнат на превозниците, но и на производителите на камиони. А да не ја заборавиме и зголемената безбедност во сообраќајот – додава Муратовска.

Набавката на нов камион чини најмалку 80.000 евра, а новите приколки чинат од 20 до 50.000 евра. Цените на новите автобуси се движат меѓу 200 и 300 илјади евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот