Наместо карго аеродром во Штип, ќе се инвестира во екологијата?

Фото: Profimedia

Изградбата на карго аеродромот требаше да чини 60 милиони евра, а идејата е стара десет години и најавена за време на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ. За таа цел, земјоделците останаа без најплодните ниви во Овчеполието – 500 хектари меѓу Ерџелија и Мустафино.

Планираната инвестиција на ТАВ Македонија, за изградба на аеродром во Штип, нема да се реализира, а средствата ќе бидат пренасочени за животната средина, најави првиот вицепремиер Артан Груби.

За потсетување, изградбата на карго аеродромот требаше да чини околу 60 милиони евра. Идејата е стара десет години и датира од време на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ. За таа цел, земјоделците останаа без најплодните ниви во Овчеполието, а дел од сопствениците за нив, добија пари на име експропријација на земјиште. По откажувањето на плановите, парите требаше да вратат во Буџетот и да се пренаменат за други потребни инфраструктурни проекти.

– Екологијата ќе биде врвен приоритет на новата Влада. Затоа одлучивме, наместо нов аеродром, средствата планирани за таа инвестиција, ТАВ Македонија да ги пренасочи за проекти од областа на екологијата – рече Груби.

Во 2007 година, холандската компанија „НАКо“ беше ангажирана од македонската влада да изработи студија со концесиски модел за развој на скопскиот и на охридскиот аеродром и за можностите за изградба на карго аеродром во Штип. Холанѓаните оценија дека изградбата на карго аеродром во Штип е некомерцијална, но оставија на Владата да ја донесе конечната одлука. Тогашната влада, сепак, реши карго аеродромот да се гради и во договорот за концесија на двата постојни македонски аеродроми, потпишан со ТАВ во 2008 година, предвидено е турската компанија, во пакет со реконструкцијата на скопскиот и на охридскиот аеродром, да го изгради и штипскиот аеродром, а потоа да ѝ го даде на управување на владата.

Информирајќи дека нема да се гради карго аеродром во Штип, во 2018 година, тогашниот министер за земјоделство Љупчо Николовски посочи дека земјиштето кое пред 10 години било трансформирано во градежно, сега веројатно повторно ќе биде земјоделско. Тој најави и дека компанијата ТАВ, ќе треба да ѝ исплати отштета на државата.

– Отштетата веројатно ќе биде околу 45 милиони евра, а што се однесува до земјиштето, во постојана координација сме со Министерството за транспорт и врски. Намената на тоа земјиште беше друга, но тоа е експроприрано. Сепак, нашата интенција е целокупното земјоделско земјиште да го ставиме во функција – кажа Николовски пред две години.

Одлуката да не се гради карго аеродром кај Штип, дојде откако мерењата на силината и на брзината на ветрот покажале дека локацијата на која требаше да се гради, не е поволна за изградба на аеродром. Станува збор за околу 500 хектари земјиште меѓу Ерџелија и Мустафино, што од 2009 година стои необработено. Сега ТАВ ќе треба да ѝ ги врати парите на државата.

И поранешниот министер за транспорт и врски Горан Сугарески, на почетокот на 2018 година посочи дека наместо изградба на карго аеродром меѓу Свети Николе и Штип, средствата ќе се искористат за изградба на нови водоводи, канализации, градинки и училишта низ општините во земјава. Ваквиот Предлог-нацрт договор Владата го испратила до ТАВ. Од компанијата тогаш рекоа дека за што ќе се наменат парите, ќе ги почитуваат владините упатства.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот