Најгурмански се јаде од буџетски пари: Октопод и свеж јунешки бифтек од млади говеда стари од 18-24 месеци во барањата на тендерите на СОЗР
Службата за општи и заеднички работи на Владата ги „полни фрижидерите“ за сè што ќе им биде потребно во текот на целата година на дел од органите што ги опслужува. Набавката на свежо овошје и зеленчук е завршена, но ќе се испорачува сукцесивно, по потреба, на три локации – Скопје, Охрид и Дојран. Не е наведено кој точно ќе го користи набавеното овошје и зеленчук, но во овие три града има државни вили што ги користат претседателот и премиерот, па можно е набавката да е спроведена за тие потреби, а можеби и за други потреби.
Препорачано
Од склучените договори за јавна набавка за овошјето и зеленчукот кои ги доби фирмата „Макмонт ДООЕЛ експорт-импорт“, на менито има ананас, авокадо, 600 килограми банани, грозје, 500 килограми свежи чистени ореви, јагоди, 300 килограми круши, калинки, кајсии, лупени кикирики, свежи капини, костени, лубеница, 1.100 килограми портокали, по 10 килограми цреши и папаја, цреши и лимета. Листата со зеленчукот исто така е разновидна и здрава: шери домати, бамји, брокули, дајкон, аспарагус, покрај вообичаените производи како грав, пиперки, зелка, компир и ориз. До секој артикл наведени се и количините што се бараат, но можно е сите да не се потрошат, со оглед на тоа што во договорот е наведено дека производите ќе се доставуваат со претходна најава и нарачка.

Во тек е и огласот за набавка на риба, месо и сувомеснати производи објавен од страна на Службата за општи и заеднички работи, кој ќе финишира со договор во април. Во листата на артикли што се бараат на тој тендер „нема што нема“. Се бара крап А класа во свежа состојба. Нето масата на парче риба треба да е од половина до 2,5 килограми, а рибата да биде исчистена и пакувана во пластична кеса ставена во стиропорна кутија. Се бара и свежа пастрмка од А класа, калифорниска свежа пастрмка од А класа, лосос од А класа, риба бранцин и риба орада.
Службата за општи и заеднички работи бара добавувач и за морски плодови. Во повикот се бара економските оператори да наведат цени по килограм за филети ослиќ, суво смрзнат октопод, чистени лигни, чистени школки, краби, шкампи, ракчиња, микс морски плодови, чаден лосос. Од сувомеснатите производи се бараат следните артикли: говедско пушено (транжиран јунешки бут), пилешки виршли, свински кулен, свинска пршута без коски, говедска пршута без коски, свинска печеница, чадена свинска сланина, чаден свински врат, чадени свински ребра, пилешка и свинска шунка, свинска чајна колбасица, сушена свинска кременадла и говедски суџук.
Преференците на повикот за свежото месо распишан од Службата за општи и заеднички работи се доста специфицирани. Се бара свеж јунешки мускул од млади говеда стари од 18 до 24 месеци (А категорија на говеда), јунешки бифтек добиен од млади говеда 18-24 месеци старост, јунешка кртина од млади говеда 18-24 месеци старост, јунешки бут без коска свеж добиен од млади говеда 18-24 месеци старост, јунешки џигер свеж добиен од млади говеда 18-24 месеци старост, јунешко шкембе свежо добиено од млади говеда 18-24 месеци старост, јунешки ребра свежи добиени од млади говеда 18-24 месеци старост, јунешкa кременадла свежа добиена од млади говеда 18-24 месеци старост, телешки ребра свежи добиени од млади говеда 12-18 месеци старост, телешки бут свеж добиен од млади говеда 12-18 месеци старост, телешки бифтек свеж добиен од млади говеда 12-18 месеци старост, свежа свинска кременадла добиена од свињи од категорија II, свежо свинско филе од иста таква свиња, свинско каре, свински врат без коска, свински бут кртина без коска, свинска плешка без коска, свински прави ребра меснати свежи, свинска коленица, јагнешко месо, свежо прасе прва категорија, крезли и јатки од свежо јагне. Ќе има и пилешко месо и тоа цели пилиња, пилешки стекови, копани со надкопани, обескостени батаци, мисиркини копани итн.
Додека се чека да се изберат фирмите што ќе доставуваат месо, риби и морски плодови, Службата за општи и заеднички работи веќе го заврши тендерот за леб, кори и кадаиф. Вкупната вредност на овој договор објавен во февруари годинава е 492 илјади денари. Што се однесува до млекото и млечните производи, од документите објавени на страницата на Бирото за јавни набавки, евидентно е дека млекото од страна на СОЗР се проектира во далеку поголеми количини од оние што му се „потребни“ на едно просечно четиричлено семејство според потрошувачката кошничка. Нејасно е за колку лица е набавката, ама во ценовникот на фирмата што го добила тендерот на СОЗР за млеко, евидентно е дека дала цена за 2.500 литри млеко и 600 килограми кашкавал. Сепак, овие бројки се ориентациони и може да не се потрошат и СОЗР не е обврзан да ги нарача, туку фирмата е должна да ги даде цените согласно одредена количина која може, а и не мора да се потроши.

Вртоглаво растат цените во маркетите. Опозицијата реагира дека граѓаните врзуваат крај со крај бидејќи цените на сите основни прехранбени производи меѓу кои не влегуваат ни цреши ни октопод, растат. Сојузот на синдикати бара минималната плата во земјава да биде 500 евра, но премиерот Христијан Мицкоски вели дека нема пари за субвенции на овој износ.
Од политичката партија Левица велат дека додека платите на работниците не стигнуваат ниту за покривање на сметките за струја, владиниот врв се гоштева на грбот на граѓаните.
„Имено, Службата за општи и заеднички работи на Владата, склучи милионски договори за полнење на стомаците на владините функционери со скапи деликатеси. Наместо веднаш да го прифати предлогот на ССМ за минимална плата од 500 евра, владејачката коалиција ДПМНЕ-ЗНАМ-ВРЕДИ избра да троши народни пари на егзотични овошја и храна која е недостижна за обичниот работник: папаја, аспарагус, манго, ананас, авокадо, леб од по 100 до 440 денари и многу друго. Во исто време, трошоците за живот вртоглаво растат – синдикалната кошничка за јануари 2025 година е зголемена за 6.089 денари, а храната поскапена за 10,43 проценти. Власта наместо да ги штити работниците, без срам ја покажува својата вистинска политика – привилегии за богатите, беда за народот. Тоа се покажува и со нивните скапи патувања без никаков придонес за државата, бизнис-класи, приватни авиони, најавите за купување на нов владин авион, дрското одбивање на предлогот за кратење на патните трошоци“, реагираа од Левица.
Ако Владата не го прифати предлогот на ССМ, оттаму најавија дека ќе поднесат законско решение за зголемување на минималната плата.
„Ова не е економска криза – ова е класна војна, во која власта свесно го гази народот за да ги нахрани своите олигарси. Додека работниците одвај преживуваат со мизерни плати, нивните пари се трошат на гурмански луксузи за владините паразити. Или Владата веднаш ќе го прифати зголемувањето на минималната плата, или ќе се соочи со отпор што нема да може да го игнорира“, се додава во соопштението на Левица.


