Најдолгата војна

Митко Билјаноски. / Фото: Слободен печат

Америка влезе во војна со Авганистан за да се одмазди, а дури потоа за да ги уништи терористите и да воспоставува демократија. Ние влеговме за да покажеме и јасно да докажеме на која страна сме тргнале, со надеж дека тоа ќе ни помогне да нѐ примат во НАТО и да нѐ прифатат во демократскиот клуб воопшто

Попусто Стејт департментот вели „не се откажуваме“ од Авганистан. Талибанците веќе го прославуваат повлекувањето на последните американски трупи, по 20-годишна воена интервенција, и тивко воспоставија власт врз една третина од територијата.

Одмаздничкиот удар на Америка против Ал Каеда и талибанците, кои беа на власт во Авганистан и отворено му даваа засолниште на нејзините команданти на чело со Осама бин Ладен, во тој октомври 2001 година беше очекуван, па и логичен одговор на терористичките напади врз Њујорк и Вашингтон. Никој тогаш, особено по жестокото бомбардирање на Тора Бора и другите авганистански планини и пустелии, веројатно не веруваше дека интервенцијата ќе прерасне во јалова воена авантура и најдолга од сите војни на САД (со исклучок на Војните со Апачите од 1849 до 1924 година). Американците не војувале 20 години ни во Виетнам (18 години), ни во Хаити или Ирак.

Рано е да се каже дали од својата најдолга војна ќе излезат како победници, што е малку веројатно. Може да се обидат оваа авантура да ја претстават како победа – од власт собориле протерористички милитантен режим погубен и за Американците и за Авганистанците, а при заминувањето оставаат земја со легално избрани власти. Во меѓувреме, Авганистан им послужи полигон за да ги тестираат своите нови оружја, разни дронови на далечинско и бомби што продираат длабоко под планините, па и „дејзи катер“ со 2 тона експлозив.

Какво и да е оправдувањето, тешко ќе го покрие поразот. На сила воспоставената администрација 20 години развиваше корупција наместо демократија и не се ни трудеше да ја освои довербата од граѓаните.

Таква власт не може да издржи ни налет на благ ветер, не, пак, на талибанците. Ситуацијата е многу слична на таа во Ирак по повлекувањето на странските трупи. Свежи се сеќавањата како ирачката војска хаотично се разбега гонета од присобраните терористички одреди на Исламска држава.

Авганистанските војници веќе се разбегаа уште пред да им заминат инструкторите. Повеќе од илјада, велат се префрлиле преку граница во Таџикистан. Тоа е јасен сигнал за дезертирање на уште многумина, а и оние најборбените што ќе останат ќе бидат осудени на „стратегиско повлекување“ до Кабул. Како тргнало, талибанците ќе се вратат на власт без испукан куршум и парадно ќе вмаршираат во Кабул, дочекани како „ослободители“.

„Сите странски трупи што ќе останат во Авганистан по повлекувањето на НАТО во септември ќе се сметаат за окупатори“, соопшти нивниот портпарол Сухаил Сахин. Тој ги смирува стравувањата од масовен колеж со најавата дека талибанците „нема да се обидат да го преземат Кабул со воена сила“, но јасно предупреди дека странски трупи, инструктори, советници и преведувачи што работат за владината армија, не треба да останат во главниот град.

Историјата е единствената што ќе покаже кој навистина победил во Авганистан, но ќе сведочи и за најдолгата војна во историјата на Македонија по стекнувањето независност од поранешната федерација. Ете, не бев ни свесен дека ние за три децении независност сме воделе пет војни. Освен во Авганистанската, Македонија учествувала и во Сомалиската граѓанска војна (1992-1995), во конфликтот со УЧК (2001), во Ирачката војна (2003-2011) и во дводневниот Кумановски судир (2015).

Америка влезе во војна со Авганистан за да се одмазди, а дури потоа за да ги уништи терористите и да воспоставува демократија. Ние влеговме за да покажеме и јасно да докажеме на која страна сме тргнале, со надеж дека тоа ќе ни помогне да нѐ примат во НАТО и да нѐ прифатат во демократскиот клуб воопшто.

– Вие не бевте само влезница за сите нас да можеме да ја претставиме државата во НАТО, вие бевте влезницата на Република Северна Македонија да пристапи кон најмоќната воено политичка алијанса. Покрај сите политички напори, вашата жртва, одговорност, ризик, работа, беа тие што нѐ претставија во најдобро светло – им порача „од срце“ министерката за одбрана Радмила Шекеринска на војниците на свечениот крај на учеството во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан.

Ако талибанците повторно воспостават власт во Авганистан (поточно откако ќе продефилираат низ Кабул), сосема логично ќе ја сметаат Северна Македонија за окупатор.

Таквата незгодна етикета воопшто нема да ми пречи, ако доаѓа од талибанци или од кој било друг нечовечки режим, организација или банда. А, ги има многу низ светот.

Ако, пак, по некој случај целиот свет тргне по ѓаволите и ако талибанските и ним сличните власти станат фактор во меѓународната заедница, ќе биде сеедно дали сме учествувале во една, пет или ниедна војна, на која било страна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот