Наградата за најдобар филм на 8. МФФ „Киненова“ ја доби „Чувари на формулата“

Свечено доделување на наградите на МФФ „Киненова“

Осмото издание на МФФ „Киненова“ сподели приказни на бројни филмски автори кои на публиката ѝ подарија визуелни есенции што долго ќе ги прераскажува, а меѓународното жири во состав: Лех Мајевски, режисер, сценарист, кинематографер, мултимедијален уметник од Полска, Дебора Ван Дам, сценаристка и режисерка од Холандија, и Дејан Дуковски, драмски писател од Македонија, одлучија кои од нив ќе бидат наградени.

Во главната селекција беа прикажани осум филмови за кои жирито одлучуваше за најдобра режија, најдобро сценарио и најдобар филм. За најдобар филм на Киненова за исклучителната и длабоко човечка приказна, наградата ја доби филмот „Чувари на формулата“ на Драган Бјелогрлиќ. Тој присуствуваше на проекцијата и раскажа дека ја прочитал книгата на Горан Милашиновиќ и истражувал доста за тој настан.

– Знаев дека навистина се случило тоа во Винча, дека некои луѓе биле озрачени и дека во Франција некои луѓе им помогнале. Но, не знаев дека работеле на таен проект за атомска бомба, за тоа не се говореше тогаш, а ниту денеска не се говори. Премиерата на филмот во Белград ќе се случи за некој ден и чекам да почнат да ме обвинуваат дека никогаш не правеле атомска бомба, дека пак нешто измислувам. Искрено, мене не ми беше провокација таа бомба, туку како формулата на смртта, станува формула на животот – меѓу другото, рече Бјелогрлиќ.

Драган Бјелогрлиќ: За мене беше провокација како формулата на смртта, станува формула на животот

Наградата за најдобро сценарио и најдобра режија во официјалната конкуренција ѝ припаднаа на украинската режисерка Марина Ер Горбах за филмот „Клондајк“. Во образложението, жирито го потенцираше уникатниот длабок опис на војната што го силува животот на едно семејство и потсетува на грчка трагедија.

– Се надевам дека филмот ги допре срцата на гледачите. Последнава година патувавме и филмот е прикажан во повеќе држави и го кревавме украинското знаме против руската агресија. Но, сега сакам да го кренам моето лично знаме за децата во воените зони и за цивилите секаде низ светот. Немам поинаков начин освен овој, да ги испраќам моите пораки преку филмовите. Уметноста не може да ја сопре војната, но мојот крик е да продолжам да создавам, бидејќи според мене оваа војна е меѓу луѓе кои сакаат да уништуваат и луѓе кои сакаат да создаваат. Затоа ги повикувам сите кои се талентирани и кои создаваат уметност да креираат повеќе, за очите на јавноста да бидат вперени во уметноста и да се занимаваме со неа наместо со војни – рече Ер Горбах во своето видео обраќање.

Специјално признание во официјалната селекција доби шпанскиот филм „20.000 видови пчели“ на Естибалиц Уресола Солагурен. Наградата за најдобар филм, во категоријата кратки филмови, ја доби францускиот филм „Ако не е можно денес, можеби ќе биде утре“ на режисерскиот двоец Антоан Перез и Жулиен Сено.

– За жал, никој од нашиот тим не можеше да присуствува на доделувањето на наградата и да ја посети вашата прекрасна земја, Македонија – рече продуцентот Николај Јарошенко, кој се заблагодари за укажаната можност филмот да биде прикажан на фестивалот, бидејќи тоа беше негова меѓународна премиера.

Специјално признание од селектираните кратки филмови доби филмот „Ти ветив рај“ на Морад Мостафа од Египет. Жирито ги истакна прекрасните кадри и моќната приказна што поттикнува на размислување.

На крајот на фестивалот публиката имаше можност да го проследи најновиот филм на познатиот српски актер, режисер, сценарист и продуцент, Драган Бјелогрлиќ, кој одбележа еден значаен период и на југословенскиот филм. Филмот „Чувари на формулата“ на 76-от филмски фестивал во Локарно, годинава во август ја доби наградата „Pardo verde rikola“, награда што се доделува на филм што промовира теми и стории за зачувување на еколошката средина и во нив нуди нова авторска интерпретација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот