Над 500 сопственици на дивоградби во Националниот парк Галичица побарале да им се легализираат

Поглед од Галичица кон Охридското Езеро / фото: Национален парк Галичица/Фејсбук

Повеќе од 500 сопственици на дивоградби во Националниот парк Галичица кај Охрид поднеле барања за легализација, објави Алсат. Дел од дивоградбите за кои е побарана легализација се наоѓаат во зоната на активно управување, односно во зоната на строга заштита, каде не може ниту да се легализира, ниту да се дозволи нова градба.

Според Андон Бојаџи од Националниот парк, станува збор за објекти кои се доградба, надградба, нова градба, ѕид, тераса и секакви видови градежни зафати. Тој вели дека Паркот за поголемиот дел од нив поддржува да не се легализираат. Доставиле предлози за уривање на 28 приоритетни објекти кои се наоѓаат во зона на строга заштита, а најчесто се работи за викендички, вели Бојаџи.

Екологистите предупредуваат дека сегашната ситуација со нелегалните градби во националниот парк е штетна за целиот регион.

„Голем дел од тие дивоградби се и цели куќи, дали за туризам или за живеење и тие се градени во подолг временски период. Можеби некои не се приклучени на канализација и испуштаат вода во септичка јама. Така што тоа ги става во подредена положба другите граѓани, кои имаат легални градби и кои живеат и остваруваат приходи од туризам, но за тоа плаќаат“, вели за Алсат екологот Ѓоко Зороски.

Проблем е и бавната реакција на останатите институции. Секогаш кога ќе регистрирале нелегална градба, од паркот пријавувале до општинскиот градежен инспектор, Јавното обвинителство и правобранителство.

„Иако објектот се гради во моментот, гледаме дека се гради, тој што го гради фатил бројче кога стапи на сила законот за легализацијата. Како било возможно, да земе бројче, а во моментот немал изграден објект. Ако веќе е почната постапка за легализација, инспекторот вели додека не се заврши таа постапка, нема што да се постапува. Не ми е и мене јасно зошто не постапува обвинителство“, додава Бојаџи.

УНЕСКО им даде рок на македонските власти уште две години за да се справат со препораките посочени од страна на телото на ОН, за да не го избришат охридскиот регион од неговата листа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот