На жителите на Мајорка им е смачено од пијаните туристи: „Ситуацијата е алармантна“

Мајорка / Фото: Neil Emmerson / robertharding / Profimedia

Мигел Кањељас е загрижен за развојот на ситуацијата во Плаја де Палма. „Ситуацијата е полоша отколку во претходните години“, вели претседателот на Здружението на жители на населбата Лас Маравиљас, која ги опфаќа поголемиот дел од најважната туристичка зона во Мајорка. „Секако дека живееме овде од туризмот“, вели тој. „Но, сепак треба да можеме да живееме во мир. А тоа, додава Кањељас, одамна не било така.

Зоната за забави, која се наоѓа на неколку километри од главниот град на островот, деновиве повторно е во рацете на турситите. Како и обично, со првите денови од летото, први доаѓаат германските фудбалски тимови од аматерските лиги и љубителите на алкохол. Но, Плаја де Палма е и дестинација број еден во овој период и за десетици илјади шпански матуранти, кои сакаат на соодветен начин да го прослават крајот на своето школување. На шеталиштето покрај плажата долга повеќе од пет километри ги чекаат бројни барови и дискотеки, пишува „Дојче веле“.

„Проблемот е што луѓето се забавуваат на улица“, вели гастрономот Хуан Мигел Ферер. „Тоа е она што ги предизвикува проблемите. За луѓето да се забавуваат, да уживаат, тоа воопшто не е проблем“, вели тој: „Но ве молам, не на улица“.

И Здружението на хотелиери од Плаја де Палма, кое моментално ги застапува интересите на 114 хотели, инсистира на тоа дека секој може да се забавува, но дека не мора да претерува. „Точно е дека овој вид туризам генерира и приход. Но, трансформацијата не може да се запре. Здружението ја рекламира Плаја де Палма специјално како дестинација за семејни одмори, како место каде што можете да правите различни работи во текот на годината. „Се трудиме да не се чини дека забавата е единствената причина зошто некој треба да дојде овде“.

Но, реалноста е сепак поинаква. Барем овој период од годината. Веќе околу пладне забавите на плажите се во полн ек. Од преносливите звучници се слушаат хитови, во песокот се трупаат празни пивски шишиња. „Мириса на урина, истурено пиво, крема за сончање, масло за пржење помфрит“, пишува „ДВ“.

Со оглед на ваквата состојба со соопштение до медиумите се огласија хотелиери, ресторани и сопственици на дискотеки од оваа населба. Тие ја критикуваа „алармантната ситуација“ на Плаја де Палма. Ситуацијата е „неподнослива“, додаваат тие. „Несоодветните контроли на јавната потрошувачка на алкохол и недостатокот на ефективни регулативи за казнување на таквото однесување ја загрозуваат сегашноста и иднината на оваа важна туристичка област“, ​​се вели во соопштението.

Во исто време, градските власти, како и владата на Балеарските Острови, со години се обидуваат да го ограничат овој проблем. Постои консензус дека алкохолниот туризам не е посакуван на овој остров.

Хотелиерите, рестораните и сопствениците на дискотеки затоа ги повикуваат надлежните институции да преземат „енергични и ефикасни мерки за справување со оваа неподнослива состојба“. Неопходно е, додаваат, да се воспостават јасни прописи и да се започне ригорозно со примена на санкции, со цел да се ограничи консумирањето алкохол во јавноста. Дополнително, сметаат дека е неопходно зголемено присуство на полицијата за навистина да се обезбеди почитување на овие прописи.

Санкционирањето на прекршувањето на правилата е комплицирано кога станува збор за странски туристи. Шпанското законодавство, според портпаролот на полицијата, не дозволува странците да бидат обврзани да плаќаат општински казни на лице место. И така, полицијата нема друг избор освен да ги предупреди оние кои се однесуваат на „несоодветно“ на Плаја де Палма.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот