На секои сто илјади вакцинирани се спасуваат 900 животи!

Доктор Харис Бабачиќ/ Фото: Архива на Слободен печат

Ефикасност од 99 проценти во спречувањето смрт од ковид-19 би значело дека, ако од 100 илјади невакцинирани починале илјада луѓе, од 100 илјади вакцинирани ќе починат 10 луѓе доколку се заразат. Тоа се 900 спасени животи на 100 илјади вакцинирани, вели Бабачиќ

Ако се вакцинираат повеќето највозрасни, како и ранливите категории, не би требало новиот бран на коронавирусот да биде проследен со пропорционален раст на хоспитализации и починати како што тоа беше случај во минатото.

Ова е мислењето на Харис Бабачиќ, докторанд во Шведска на Институтот Каролинска, откако во Македонија се регистрирани позитивни на ковид-19, и покрај две примени дози вакцина, дури има и едно починато лице кое претходно примило две дози од „Синофарм“.

Медицинскиот експерт објаснува дека дури и да се зарази со ковид-19 по две примени дози вакцина, клиничката слика на пациентот нема да биде толку тешка и најверојатно нема да доведе до хоспитализација како во случајот кога би биле невакцинирани.

Ниедна процедура не гарантира апсолутна заштита

„Во врска со случајот во кој вакциниран човек што се заразил и починал од ковид-19 што доведе до некаква паника во јавноста, чувствувам потреба да појаснам што, всушност, значи високата ефикасност на вакцините во спречувањето на смртниот исход од ковид -19. Не познавам процедура што гарантира апсолутна стопроцентна заштита од некоја болест или смрт во кое било поле, па ни во медицината. Така е и со вакцините. Студиите за процена на ефикасноста можат да проценат дека некоја вакцина е сто проценти ефикасна во даден експериментален дизајн, но во реалноста најчесто се случува вистинската ефикасност, односно ефективноста, да биде неколку проценти пониска“, објаснува Бабачиќ.

Тој преку пример објаснува колку луѓе би биле спасени доколку се вакцинирани со две дози.

Ефикасност од 99 проценти во спречувањето на смрт од ковид-19 би значело дека, ако од 100 илјади невакцинирани починале илјада луѓе, од 100 илјади вакцинирани ќе починат 10 луѓе доколку се заразат. Не значи дека нема никогаш повеќе да видиме луѓе да починат од ковид-19 доколку сите ги вакцинираме. Ќе гледаме, но разликата ќе биде огромна, споредено со тоа да не го вакцинираме населението. Со дадениот пример, тоа се 900 спасени животи на 100 илјади вакцинирани. Се надевам дека ова ќе ги разреши дилемите во јавноста доколку имало некакви забуни“, вели Бабачиќ.

Секој да даде придонес и да се вакцинира, велат од Министерството

Вакцинацијата е единствен начин да се стави крај на пандемијата. Во оваа заедничка борба сите еднакво ја делиме одговорноста. Секој граѓанин што не е имунизиран, го изложува на ризик своето, но и здравјето на другите. За да го спречиме враќањето на рестриктивните мерки и да го вратиме нормалното секојдневие, важно е секој од нас да даде свој придонес и да се вакцинира“, се обратија вчера од Министерството за здравство до јавноста.

Според завчерашната статистика на Институтот за јавно здравје, 47-те нови случаи на лица со ковид-19 од 3.593 тестирања значи дека продолжува трендот на раст. Здравствените власти се децидни дека масовната имунизација е единствениот начин на кој може да се стави под контрола коронавирусот. Досега вакцинирани се половина милион граѓани со една доза, а две дози примиле 360 илјади граѓани.

Фото; Слободен печат

Ова темпо мора да го задржиме. Имаме одлично поставен систем и капацитети за вакцинација. Потребна е само свест и совест кај граѓаните. Новиот бран е сè поизвесен. Тој не одбегна многу европски земји, веројатно нема да не одбегне ни нас. Само од нас зависи дали ќе го пречекаме вакцинирани во што поголем процент, ќе го ублажиме и ќе спасиме човечки животи. Барам максимална одговорност, но пред сѐ поддршка и вклученост. Ширете ја пораката дека вакцинацијата е единствениот начин да ставиме крај на пандемијата – вели министерот за здравство Венко Филипче.

Тоа што има ретки смртни случаи на луѓе заразени со ковид-19 и по примени две дози на вакцината, треба да се земе и во контекст на нивната основна здравствена состојба.

На пример, 62-годишниот пациент од Тетово, кој почина неколку недели по примањето на втората доза на вакцината на „Синофарм“, имал и три хронични болести, меѓу кои болест на бубрезите, на срцето и хипертензија.

И други земји во регионот пријавуваат целосно вакцинирани кои починале, но бројките се ниски. Во Црна Гора, според тамошниот Институт за јавно здравје, починале две лица што биле целосно вакцинирани.

– Во некои групи какви што се постари лица со послаб имунитет, можеме да очекуваме недостаток на имунолошки одговор како во овие два случаи. Сепак, вакцинацијата обезбедува висок степен на заштита, над 90 проценти од потешка форма на болеста и фатален исход – вели Милена Поповиќ Самарџиќ, епидемиолог од Институтот за јавно здравје на Црна Гора.

Какви се искуствата во други земји

Последните анализи на Институтот за јавно здравје од Италија покажуваат дека по февруари, речиси 99 отсто од смртните случаи од ковид-19 се евидентирани кај лица што не биле целосно вакцинирани.

Бројот на смртни случаи кај оние со две примени дози од вакцината е особено низок, околу еден процент.

Станува збор за лица што имале здравствени проблеми и пред инфицирањето со коронавирус, со просечна возраст од над 88 години. Соодносот помеѓу бројот на нови случаи и вкупниот број население е десетпати помала кај вакцинираните отколку кај невакцинираните лица.

Во Шпанија, од крајот на јуни, од новозаразените над 83 отсто од починатите лица биле невакцинирани, а 11,4 проценти биле нецелосно вакцинирани. Во Обединетото Кралство 60 отсто од хоспитализираните биле нецелосно вакцинирани, а во Белгија речиси половина од хоспитализираните со тешка клиничка слика не примиле двете дози од вакцината. Во САД, речиси 100 отсто од вкупниот број на хоспитализации се забележани кај неимунизираното население, а според податоците од јуни, 98 до 99 отсто од починатите воопшто не биле вакцинирани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот