На Нинџа му се заканувале во затворот и се чувствувал несигурно, тврди неговиот адвокат

Адвокатот Sвонко Давидовиќ, по судењето на кое Александар Василевски-Нинџа, осуден за „27 април“, го тужи портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски за клевета, изјави дека пресудата за упадот во Собранието не е донесена врз база на исказот од тужителот. Тоа е причина поради која ја поднеле тужбата.

„Сакам да се разбере затоа што гледам дека има недоразбирање околу она што е предмет на спорот. Ние за 27 април многупати кажавме дека пресудата е менлива и дека таму се злоупотребени правата на обвинетите и дека се судени за исти настан во четири различни групи, каде што луѓето навистина добија огромни казни, и тоа е неспорно. Но во конкретниот случај не се работи за тоа. Во конкретниот случај се тврди дека таа пресуда е донесена само врз основа на исказот на сведокот Александар Василевски-Нинџа, што не е точно, затоа што тој бил обвинет и не е сведок и има право да се брани како што сака, а во својот исказ не спомна ниту едно лице. Значи тој ја даде својата одбрана, а пресудата на илјада и нешто страници е базирана на 36 сведоци, куп други материјали и воопшто не тврдиме дека е исправна“, вели Давидовиќ.

„Второ, тие 211 години не се поради исказот на Нинџа, туку поради обвинението и начинот на работење на судијата којшто го пресуди предметот. Но од друга страна, ако бараме навистина да се запазат правдата и правниот систем факт е дека Александар Василевски – Ниџа не дал таков исказ, дека пресудата не е базирана на неговите искази, а со самото тоа му се загрозува безбедноста затоа што луѓето кои се осудени, како што и кажа сам, да го цитирам, ‘симпатизерите на ВМРО’ можат да помислат дека истиот е клучен за таквата пресуда, што не го става во позиција каде што би се чувствувал комотно и пријатно, ниту тој ниту неговото семејство. Затоа ви потенцирам, овде се работи за клевета, за ништо друго. Предметот како предмет е еден и за него многу сме зборувале и пишувале, но да се тврди дека еден човек е одговорен за судбината на другите обвинети, во ситуации каде има куп материјални докази, куп сведоци и едно несовесно работење, едно чудно работење на судечкиот судија е навистина некоректно“, додаде Давидовиќ.

Адвокатот бара одговорност од Стоилковски. За неговиот клиент вели дека „има општо закани и се чувстувува несигурен, а затоа и беше пренесен од затворот „Штип“ во затворот „Скопје“.“

„Токму сега тоа ви го објаснив, како поборници на право и правна држава требаше да поднесеме, затоа што овде, да утврдиме, не бараме вина, овде бараме одговорност за нанесена клевета. Клеветата е, повторувам, дека врз основа на исказот на Александар Василевски-Нинџа е донесена пресуда и луѓето се осудени на 211 години, второ дека се пазарел поради таа своја изјава и е помилуван, а не е помилуван“, додаде Давидовиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот