На годишнината од хаваријата: Нов план за отстранување на радиоактивниот материјал од реакторите на Фукушима

Нуклеарната централа Фукушима Даичи со резервоарите со радиоактивна вода - Фотографија ЕПА, ТЕПКО

Ден спроти одбележувањето на 13-годишнината од катастрофалниот земјотрес и цунамито во Јапонија што предизвикаа хаварија во нуклеарната централа Фукушима даичи, предложена е комбинација од две методи за отстранување на радиоактивното гориво од реакторите.

Енергетската компанија ТЕПКО предложи отстранување на горивото и радиоактивната конструкција што се изложени на воздух, како и зацврстување на радиоактивните делови со „пополнувач“.

Во реакторите 1, 2 и 3 има вкупно 880 тони гориво и друг радиоактивен материјал, кој мора да биде отстранет за конечно да биде запечатена централата, до средината на идната деценија.

Во реакторот број 3 операцијата може да се спроведе со роботизирано возило што би издржало во толку сурови услови. Додека не се отстрани радиоактивниот материјал, во реакторите ќе се уфрла вода заради ладење и намалување на зрачењето.

Земјотрес со магнитуда од 9,1 Рихтери на 11 март 2011 година го потресе источниот брег на Јапонија и предизвика цунами со бранови високи и до 40,5 метри. Цунамито го уништи системот за ладење на реакторите во нуклеарната централа Фукушима Даичи. Потврдена е еден смртен случај како последица на радијацијата (од рак на бели дробови во 2015 година), а шест лица изложени на радијација страдаат од леукемија.

Поради хаваријата беа евакуирани повеќе од 164.000 луѓе што живееле близу нуклеарната централа.

Јапонија денеска им изразува почит и на жртвите од земјотресот и цунамито. Загинаа вкупно 19.759 луѓе, а уште 2.553 се’ уште се сметаат за исчезнати.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот