НА ДЕНЕШЕН ДЕН: Роден е Мен Реј – Таткото на надреалната фотографија и скулптура

Незасегнат – но не и незаинтересиран, е епитафот на надгробната плоча на пионерот на уметничката фотографија. Дали е возможно да се зборува и ужива во еволуцијата на уметничкото изразување без да се возвиши Мен Реј? Секако дека не! Го поздравуваме таткото на надреалната фотографија и скулптура, дадаизмот, кубизмот, слободата на изразувањето и различното, на одбележјето – 129 години од неговото раѓање.

„Природата не создава уметнички дела. Ние, преку нашата способност за интерпретација, специфична за човековиот ум – гледаме уметност.“

Мен Реј (вистинско име Емануел Рудзицки) е роден на денешен ден во Јужна Филаделфија, Пенсилванија, но израснал во Бруклин, Њујорк.  Денес, овој творец претставува синоним за најиновативен американски авангарден фотограф, режисер сликар и вајар на своето време. Песводонимот Мен Реј започнува да го користи во 1912 година, прифаќајќи го својот стар прекар „Мени” како име и скратувајќи го своето презиме. Целото семејство го променило презимето во Реј во 1920 година. Неговата работа не била доволно ценета во текот на неговиот живот, но денес се смета за еден од најзначајните фотографи на дваесетиот век. Многу ретко зборувал за своето детство и низ целата негова кариера го „чувал“ своето потекло во тајност, но уште како дете покажувал интерес кон уметноста. Додека одел на училиште, често минувал време во музеи, каде ги проучувал старите мајстори, а особено бил импресиониран од Да Винчи, Гоја, Ел Греко и Караваџо.

 

Од 1908 до 1912 година студира уметност во Њујорк, иако претходно добил стипендија за архитектура, која ја одбил. Неговото семејство било загрижено поради ваквата одлука, но сепак го поддржувале во одлуката.  Како студент, бил под влијание на шоуто Армори и модерните трендови на уметноста, а првата самостојна изложба ја одржал во 1915 година. Набрзо по завршувањето на факултетот, покрај уметничките дела со многу детали, тој се нафаќал да работи и на комерцијални проекти, како портрети и модна фотографија. Историчарите го сметаат за еден од најзначајните пионери на современата фотографија.  Првите значајни фотографии ги снимил во 1918. Во тоа време бил посветен на сликарството, а веќе работел и со филм.

Додека живеел во Њујорк, заедно со неговиот пријател Марсел Дишан, основале американски дадаистички клуб, кој влечел корени од Европа, каде уметниците радикално ја отфрлале традиционалната уметност. . Бил член на групата на уметници „Останати“ – Others.  По неколку неуспешни експерименти, особено по издавањето на единствениот примерок на весникот „New York Dada“, изјавил дека дадаизмот не може да опстане во Њујорк и во 1921 година се сели во Париз. Се населил во уметничкиот кварт Монпарнас, каде главно работел во ателјето на тамошните уметници. За повеќе од 20 години проминати во Париз, Мен Реј ја револуционирал фотографската уметност. Многу познати личности се нашле на неговите фотографии: Салвадор Дали, Ернест Хемигнвеј, Џејмс Џојс, Гертруда Стајн, Жан Кокто, Бриџет Бејт Тиченор, Антонен Арто… Поради својата популарност, листата е многу долга!

Во 1925 година во Галеријата Пјер во Париз Мен Реј заедно со реномираните уметници како Жан Арп, Макс Ернст, Анре Масон, Хуан Миро и Пабло Пикасо бил дел од првата надреалистичка изложба.

Околу 30тите, надреалистката Мере Опенхајм позира за Мен Реј, за серија фотографии покрај печатарската преса – за оваа колекција да стане пример и поим за надреалистички уметнички акт. Познат по експериментирањето, обид  во темна комора придонело заедно со надреалистичката фотографка Елизабет Ли Милер, која била негова асистентка , љубовница и муза, заедно да ја откријат техниката на соларизација. Откритието се случило спонтано, пакога во лабораторијата случајно бил осветлен филмот кој во моментот се развивал, тоновите биле делумно инвертитрани (превртени). Ја пронашол и фотографската техника која користи фотограм, која дадаистот Тристан Кара ја нарекол рејографијa (rayography).

Во  50тите се враќа во САД и се преселува во Холивуд, Лос Анџелес, каде продолжува со творештво. Иако бил во родната земја, Мен Реј ја чувстувал Франција како негова татковина, па во 1961 година се вратил во Париз, каде и живеел до неговата смрт.  Починал на 85 годишна возраст, во Монпарнас на 18 ноември 1976 година.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот