МЗТ Скопје контра КФСМ: Во иднина нема да ги пуштаме нашите кошаркари да играат за репрезентацијата без потврда за осигурување

Во МЗТ Скопје се револтирани од односот на Федерацијата/ Скопје, Македонија/ фото: КФСМ

Освојувачот на двојната круна од минатата сезона МЗТ Скопје, во пресрет на стартот на новиот шампионат, има сериозни проблеми со повредите на дел од клучните кошаркари. Дамјан Стојановски ќе го пропушти стартот на езоната, а на една недела пред стартот на сезоната, и репрезентативците Мекиќ, Крстевски, Андоновски и Робев се жалат на повреди здобиени на настапите за Македоија во претквалификациите за СП 2023 година.

Управата на МЗТ Скопје побара од кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ) да покрие дел од обесштетувањето со активирање на полисата за осигурување, нпо истото барање било одбиено од Федерацијата. Поради ваквиот однос, МЗТ Скопје Аеродром се закани дека во иднина нема да ги пушта кошаркарите да играат за репрезентацијата.

Соопштението на МЗТ Скопје Аеродром ви го пренесуваме во целост:

На само една недела до официјалниот старт на новата сезона со пресметката од Суперкупот против Работнички, нашиот тренер, Дарко Радуловиќ, сѐ уште не само што не одржал ниту еден тренинг во комплетен состав, туку речиси да не можеше да смета на поголем дел од носителите на играта скоро во целиот досегашен подготвителен период.

Главна причина за ова се повредите кои нашите Адем Мекиќ, Дамјан Робев, Бојан Крстевски, Кристијан Николов и Андреј Андоновски ги добија настапувајќи за националната селекција во претквалификациите за СП 2023. Во моментите кога голем број репрезентативци откажаа, делумно и поради притисок од клубовите, МЗТ Скопје Аеродром го поддржа тоа што е во интерес на македонската кошарка и не само што им дозволи, туку и ги охрабри своите членови да го облечат жолто-црвениот дрес. Нашиот гест ѝ донесе резултат на Македонија, но и голема штета за клубот, која не само што не е призната од челниците на КФМ, туку оттаму наидовме на безобразен однос без никаков сенс да ни се помогне во ситуација за која вината е исклучиво кај Куќата на кошарката, како одговорна за сѐ што се случува за националните селекции.

На нашето барање за покривање на дел од нашата штета со активирање на полисата за осигурување, која е задолжителна пред секој настап на репрезентацијата, добивме само арогантен одговор дека сме ЗАДОЦНИЛЕ и тоа, замислите, за неколку дена. А, претходно, во ниту еден момент, како клуб што дава најголем број репрезентативци изминатава деценија, ниту еднаш не сме биле информирани за нашите права, односно не ни била презентирана процедурата која е потребна да се следи во вакви ситуации. Како клубовите да постојат поради луѓето во КФМ, а не обратно.

Со ова само уште еднаш се потврди дека ова раководство на КФМ не ја заслужува нашата почит, бидејќи работи само за личен интерес и промоција, а не со цел да биде сервис на тие што ги поставуваат на функција – клубовите. Затоа, МЗТ Скопје Аеродром во иднина нема да им дозволи на своите кошаркари да се јават на повикот на селекторот, сè додека од Куќата на кошарката не ни биде презентирана осигурителната полиса која во целост би ја надополнила нашата штета во вакви ситуации. Бидејќи за да имаат на што да се радуваат луѓето од КФМ, нашиот клуб мораше да импровизира во најважниот дел од сезоната и згора на тоа да подмирува примањата на репрезентативците за периодот кога беа надвор од теренот за повреди добиени настапувајќи за репрезентацијата, нешто што во секоја нормална држава е покриено од матичната федерација.

Поради сето ова, дури сега ги разбираме зошто најголемиот дел интернационалци не сакаа да играат летово за тимот на КФМ, најверојатно исплашени дека при вакво или слично сценарио, нивните клубови би немале така големо разбирање за нивните повреди како што има МЗТ Скопје. Истовремено, ги повикуваме и останатите клубови кои даваат кошаркари за националната селекција да застанат во одбрана на своите права, бидејќи тоа што ни се случи на нас летово, утре би можело да им се случи и на нив.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот