МЖСПП: Петтата категорија на заштита не пречи да се донесе и закон за Водно

Министерството за животна средина и просторно планирање останува на одлуката да ѝ препорача на прогласување на дел од  од планината Водно за заштитено подрачје во категорија V – заштитен предел, но смета дека тоа нема да биде пречка во иднина да биде донесен и посебен закон за заштита на Водно. Овој став на Министерството доаѓа по жестоките критики упатени на негова  адреса, дека не ги слуша укажувањата и препораките на еколошките здруженија, како и на експертите по шумарски науки, кои децидно се изјаснија дека понудениот степен на заштита на Водно нема да ги донесе саканите ефекти, а заштитата на оваа планина само од аспект на квалитетот на биодиверзитетот и пределските карактеристики ни оддалеку нема да ги исполни сите фунции на заштита.

– По завршувањето на консултациите со јавноста, Министерството организираше технички  координативни средби со претставници на Градот Скопје, Министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство, Министерство за транспорт и врски и Центарот за управување со кризи, како релевантни институции на државно и локално ниво, со цел дополнително да се преиспита постоечката регулатива за заштита на подрачјето од аспект на ерозија, поплави, безбедност и прeспределбата на обврските и наделжностите помеѓу локалната самоуправа и централната власт, се вели во соопштението од Екологија.

Со оглед на фактот дека овие прашања се веќе регулирани со други закони од националното законодавство кои треба да се имплементираат од надлежните институции, на средбите се анализираше имплементацијата на постоечките законски обврски наспроти евентуалното донесување на посебен закон во функција на подобра заштита.  Беше покренато и прашањето на итноста на потребата за заштита, велат од Министерството за животна средина, притоа признавајќи дека е неспорна обврската на МЖСПП за репрогласување на заштитените подрачја согласно Законот за заштита на природата, како и законските обврски на локалните самоуправи согласно Законот за водите со кои е уредено утврдувањето на границите на ерозивните подрачја и предвидувањето на мерки за заштита. Поради тоа, МЖСПП најави дека ќе побара од Владата на РСМ да ги задолжи надлежните органи и единиците на локална самоуправа доследно да ги исполнат барањата од останатите релевантни прописи за да се обезбеди заштитата на сите ерозивни подрачја во државата.

Триесет и осум граѓански здруженија и иницијативи, неодамна побараа од властите итно да го заштитат Водно на соодветен начин, а не со статус на заштитен предел, кој е многу низок степен на заштита според постојната законска регулатива, и кој, според нив, не само што не му ја уважува на Водно неговата специјална улога во заштитата на градот Скопје од порои и поплави, туку практично го овозможува натамошното градење во неговите рамки, односно не ја спречува урбанизацијата на падините на планината, која се интензивираше последниве децении.

Донесувањето на Одлуката не претставува пречка за подготовка на посебен Закон за Водно од Градот Скопје или друга заинтересирана страна, кој откако ќе биде изработен ќе може да ја инкорпорира и донесената Одлука согласно Законот за заштита на природата, категорични се од Министерството. Го сакам Водно“ и „О2 иницијатива“ од Владата побараа итно стопирање на процесот на „заштита“, свикување на сета експертиза и итна изработка на посебен закон, кој ќе обединува сè и кој сестрано ќе го заштити Водно.

На барањето на граѓанските здруженија им се приклучи и партијата ДОМ, која излезе со барање да се донесе Просторен план и План за управување со Водно со што прецизно ќе се дефинира кои активности се дозволени, а кои забранети. “Белите дробови на Скопје” и омилениот простор за рекреација на граѓаните, мора да се зачуваат, беше ставот на ДОМ околу заштитата и статусот на Водно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот