МВР го најде ограбувачот на „Уни банка“ во Крушево, но не и парите

Крушевската филијала на оваа банка беше ограбена пред три дена. За полицијата проблем е и што не е најдена ниту маската и пиштолот кој ги користел оружениот разбојник кој среде бел ден ја ограби банката.

Еден милион петстотини триесет и седум илјади и петстотини денари или околу 25.000 евра веќе трет ден се мистерија, пари, кои според МВР, од крушевската филијала на „Уни Банка“ ги има украдено осомничениот 51-годишен Т.С. од Крушево.

За осомничениот се знаат многу малку информации, дека тој бил трговец, но во изминатиот период имал финансиски проблеми. Токму овој момент за истражителите од МВР е „допирната точка“ која ги поврзува осомничениот и настанот. За полицијата проблем е и што не е најдена ниту маската и пиштолот кој ги користел оружениот разбојник кој среде бел ден (во 16 часот) ја ограби банката.

Филијалата на „Уни Банка“ е сместена во зградата на улица „Илинденска“ број 14. Токму оваа локација во Крушево е доста прометна, бидејќи во непосредна близина се наоѓа детско игралиште и парк.  Влезот и внатрешноста на филијалата е „покриен“ со безбедносни камери, а снимките, како што неофицијално дознаваме од истрагата, веќе се прегледани од истражителите.

Засега се знае дека разбојникот со пиштол во десната рака и маска на главата влегол во експозитурата околу 16 часот. Пиштолот му бил вперен кон тројцата вработени во ескпозитурата. Им наредил да влезат во помошната просторија. Потоа тој ги заклучил во помошна канцеларија, па од фиоките ги зел парите и избегал по споредна улица покрај банката.

Грабежот во крушевската полиција е пријавен во 16.25 часот од страна на 36-годишниот П.Т. За брзо време во банката пристигнала и полицијата, која по добиениот опис за делумниот изглед на разбојникот започнала потрага. За кратко време од полицијата како можен извршител на грабежот е осомничен Т.С.

Според извори од истрагата, наводно, во домот на Т.С. била пронајдена дел од облеката која според описот на вработените во банката ја носел разбојникот. Но, најважниот дел од истрагата, оружјето и парите каде се засега не знаат истражителите, кои поради тенките докази, засега немаат побарано од истражниот судија од Основниот суд во Прилеп да му одреди притвор на уапсениот.

Ден по грабежот реагираше банката. Од таму изјавија:

„Во врска со вчерашниот вооружен грабеж кој се случи на крајот од работниот ден во експозитурата во Крушево, ја известува јавноста како и своите клиенти дека во овој немил настан, нема повредени и вработените се безбедни и во добра состојба. Банката соработува со надлежните органи за најбрзо и ефикасно решавање на случајот. Средствата на нашите клиенти се сигурни, бидејќи Банката има осигурување на целиот свој имот и средства. Паралелно, работиме со истражните органи на утврдување на висината од направената штета, за што ќе ја известиме јавноста дополнително. Банката превзема дополнителни мерки за зголемување на нивото на сигурност во сите свои експозитури“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот