Свештеник осветува полициски автомобили / Фото: Фејсбук

МВР: Фотографиите со попот и осветувањето на полициските возила под истрага

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи презема соодветни мерки и активности за целосно утврдување на околностите поврзани со фотографиите на кои се гледа верски обред врз службени полициски возила во кругот на Министерството.

Од МВР за порталот „Скопје1“ уверуваат дека јавноста ќе биде информирана за резултатите од истрагата за контроверзниот случај што покрена лавина реакции на социјалните мрежи откако се појавија фотографии на кои се гледа свештеник како врши верски обред и ги прска со осветена вода новите службени возила во дворот на МВР, при што се присутни и полицајци.

Фотографијата со свештеникот како ги осветува автомобилите/Фото: Фејсбук

Дебатата повторно го отвори прашањето за границата меѓу верските обичаи и функционирањето на секуларните државни институции, првенствено ако се има во предвид дека полицијата е мултиетничка и мултиконфесионална, па оттаму има потреба од јасни правила и одговорност во јавниот простор. Слични реакции во јавноста имаше и пред една година, кога беше извршен верски обред во Собранието.

Свештеник прска полициски автомобили со осветена вода / Фото: Фејсбук
Свештеник прска полициски мотори со осветена вода / Фото: Фејсбук

Според објавените фотографии станува збор за дел од новите 120 службени возила на МВР на чија промоција на 26 декември присуствуваа и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и претседателот на Владата Христијан Мицкоски.

Од Министерството за внатрешни работи во таа прилика посочија дека набавката на новите возила „пежо 408“ е дел од поширок процес на модернизација на полицијата, кој опфаќа и обновување на опремата, дигитализација на процесите, унапредување на обуките и системски реформи со цел создавање професионална, ефикасна и современа полициска служба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот