Гинекологот Мухамед Асани оди во затвор
Гинекологот Мухамед Асани пред две недели правосилно е осуден на казна затвор од три години, зашто на Јалдз Веапоска од Дебар ѝ ги извади матката, јајчникот и бубрегот при царски рез. Како што дознава „Слободен печат“, Апелациониот суд Битола ја одбил неговата жалба и ја потврдил затворската казна за тешки дела против здравјето на луѓето. Исто така, Апелациониот суд за гинекологот Асани ја потврдил и споредната санкција – пет години забрана да врши професија, дејност или должност лекар.
Препорачано
Другите двајца гинеколози што беа обвинети во овој предмет, синот на Мухамед Асани и тогашен специјализант Блертон Асани и гинекологот Лилјана Јовановска, ќе бидат повторно судени на 6 мај, бидејќи Апелација го врати предметот за нив на повторно одлучување откако првостепениот суд ги ослободи.
Одбиени се жалбените наводи на Асани, дека медицинското супервештачење кое придонесе тој да се огласи за виновен, било извршено од доктори вработени во приватни ординации. Според судот, тоа е дозволено.
Случајот го откри „Слободен печат“ пред пет години. Тогаш Веапоска ја даде првата изјава:
-Само што се разбудив од операцијата, ме фатија големи стомачни болки. Ми рекоа немој да паничиш, ова не е ништо, ме боцнаа со инјекции против болка. Ме оставија така четири дена со болки. По неколку денови синот на директорот ми вели да се спремам да си одам дома. Јас му реков дека не разговара со некоја необразована жена, туку со медицинско лице и дека знам дека не сум добро.
Стомакот ми беше толку отечен, што бремена бев помала отколку откако се породив. Чувствував дека целото тело ме боли по операцијата. Одбив да одам дома, освен ако не сакаат со кревет да ме извадат од болницата. Дојде татко му, ми рече, оди дома ќе си јадеш топли супички, ќе ти помине. Му велам, докторе, не сум за дома. Анализите што ми ги направија утрото беа катастрофа. Крвта ми одеше надолу. Сепак, ме отпуштија и му реков на сопругот, дојди земи ме, носи ме некаде во Скопје, не сум за дома.
Дојде да ме земе маж ми, сестрите ми рекоа да си го спремам бебето, а јас не можев да стојам на нозе. Ми велат: Зошто глумиш? Во тој момент се покажа дека не глумам, затоа што паднав во шок, се тресев цела, пискав, плачев. Му се јавив на сопругот, барај доктор, му реков, јас умирам. Му рекле на сопругот дека ништо не ми било, тоа ми било од колкот. Откако паднав во шок, ме ставија во сала, ми извадија матка, бубрег, јајчник и ме пратија речиси умрена во Скопје. Не знаев ништо, подоцна разбрав на приватен преглед во „Систина“ дека имам еден јајчник. Можете да замислите каква бев – раскажа пред пет години Веапоска за „Слободен печат“.
Родилка од Дебар доживеа хорор во болница: Ми извадија три здрави органи без да ми кажат
Оттогаш предметот беше во опасност да застари, на што Веапоска алармираше постојано. Според пресудата од Апелација, како последица од неподобниот начин на лекување на доктор Мухамед Асани, Веапоска останала без три здрави органи – матка, јајник и лев бубрег, органи што таа ги имала пред да влезе во болница за да се изврши рутински оперативен зафат – пораѓање со царски рез.
Асани е осуден зашто од 27 август 2020 година па натаму, како лекар специјалист гинеколог во струшката болница, при укажување медицинска помош на Веапоска несовесно постапил и применил очигледно неподобен начин на лекување. Откако Веапоска била примена на гинеколошкото одделение во Општата болница Струга, во 40-недела од бременоста ѝ бил направен царски рез кој завршил без компликации.
Но, во текот на четирите постоперативни денови, од страна на доктор Мухамед Асани не биле преземени никакви дијагностички постапки, не бил извршен ултразвучен преглед ниту компјутерска томографија на абдоменот и малата карлица со контраст, за да се утврди зошто кај Веапоска постојано се намалуваат вредностите на крвните елементи и дали ова се должи на тоа што таа крвавела.
Веапоска не била прегледана со гинеколошки вагинален преглед, ниту со вагинален ултразвук за да се утврди од каде е крвавењето. Тоа било императив за да се утврди од каде е крвавењето и навремено да се изврши хируршка интервенција за негово запирање уште првиот ден после царскиот рез.
Наместо да дијагностицира на што се должи постојаната редукција на крвните елементи, Мухамед Асани на 31 август 2020 година да ја отпушти од болница Веапоска без да направи контролни анализи на крвта, со што направил пропусти и во постоперативното следење после царскиот рез.
Истиот ден кога Веапоска требала да биде отпуштена од болница, кај неа се влошила општата здравствена состојба и развила хеморагичен шок, поради што била внесена во хируршка сала. При операцијата било забележано големо количество крвава содржина во стомакот и подливи кај левиот јајник и јајцевод. Асани направил надолжен хируршки рез на стомакот, при што иако крвавењето доаѓало од левата бубрежна артерија, тој ѝ ги извадил матката, левиот јајник и левиот јајцевод на Веапоска, иако овие органи воопшто немале оштетувања. Потоа ја затворил Веапоска, без да октрие конкретно од каде доаѓа крвавењето, заради што кај Веапоска продолжила да се влошува здравствената состојба. Бидејќи крвавењето не ѝ престанувало, била оперирана по вторпат од хирурзи кои откриле дека изворот на крвавењето е од оштетување на левата бубрежна артерија. Заради неможноста да се реконструира бубрежната артерија, таа морала да се подврзе и да се отстрани и левиот бубрег – постапка неопходна за да се спаси животот на Веапоска. По завршувањето и на оваа операција, таа била пренесена во тешка состојба и интубирана на ТОАРИЛУЦ во Скопје при Клинички центар „Мајка Тереза“.
Вештаците на судењето потврдија дека Мухамед Асани бил должен, а сепак не ја следел уредно постоперативната состојба на Веапоска. Уште првиот ден после царскиот рез, тврдеа тие, имало јасна клиничка слика дека Веапоска губи крв, и тогаш ако се презеле дијагностички постапки кај неа, немало да се развие тежок хеморагичен шок.
Родилка од Дебар доживеа хорор во болница: Ми извадија три здрави органи без да ми кажат


