МНР реагира: Декларацијата на бугарското Собрание оди во прилог на провокаторите и ескалација на состојбите

Министерство за надворешни работи на Република Северна Македонија Фото: МИА

Македонското Министерство за надворешни работи реагира на декларацијата што ја усвои бугарското Народно собрание на последниот ден од неговата работа за наводна „ескалација на агресивни антибугарски активности во Република Северна Македонија“ и вели дека таа не соодветствува на договорената политика за унапредување на меѓусебните односи преку заемно уважување и почитување и укажува на отсуство на волја за нејзино спроведување.

Според МНР, со оглед на тајмингот на усвојување на декларацијата, таа може да оди само во прилог на провокаторите чија цел е да предизвикаат политички активности кои негативно влијаат на односите меѓу двете држави, и со тоа ги минираат напорите за враќање на конструктивната патека и нега на партнерските односи.

„Секој чин на провокација од која било страна, случајно или намерно, во моментов станува дел од сценаријата во прилог на ескалацијата на состојбите и како таков сметаме дека е во спротивност со декларираните заложби за враќање на дипломатската агенда онаму каде што ѝ е местото, во дипломатиите на двете земји“, пишува во реакцијата од МНР.

Што се однесува до содржината на декларацијата опд МНР појаснуваат дека Северна Македонија во изминатиов период преку конкретни проекти и активности, покажа дека посветено работи на спроведување на Договорот за пријателство меѓу двете земји.

„Содржаните наводи за постоење системски проблеми со правата и безбедноста на етничките Бугари во Северна Македонија целосно се косат со институционално етаблираните факти од релевантни меѓународни институции кои го следат спроведувањето на човековите права и правата на сите етнички заедници во Северна Македонија, вклучително и на бугарската“, се додава во реакцијата.

МНР потсетува дека во повеќе наврати посочи дека Законот за фондации и здруженија не е насочен против здружувањето на ниту една етничка заедница, туку против принципот здруженија на граѓани да носат имиња на контроверзни личности кои претставуваат провокација не само за етничките македонци, туку и за сите граѓани кои живеат во Северна Македонија.

„Во истиот контекст, не постои никаква оправдана основа ниту сериозен аргумент да се поврзе работата на историската комисија со измените на Законот за здруженија и фондации. Таа ќе ја продолжи својата работа врз научно аргументирани и потврдени факти и нема допирна точка со условите под кои се формираат и функционираат здруженијата на граѓани и фондации“, велат од МНР.

Исто така се наведува дека Министерството останува на ставот дека за случајот со физичкиот напад врз македонскиот државјанин Христијан Пендиков во Охрид, институциите на системот реагираа соодветно, сторителите се приведени, истрагата е во тек, а преку јавни политички активности настанот го осудија највисоките претставници на државата, како што се Претседателот, Премиерот и Министерот за надворешни работи. Притоа министерот Османи имаше и итна вонредна посета на Софија за да го посети повредениот Пендиков, со што и во политичка смисла ја искажа интенцијата на државата за грижа кон сите нејзини граѓани подеднакво.

„Оттука бројните изјави за овој случај, сега веќе преточени и во содржината на Декларацијата, ги сметаме за преувеличени и неосновани, кои на ниту еден начин не соодветствуваат на реалноста“, додаваат од МНР.

Оттаму уште еднаш повикуваат на воздржаност од натамошни одлуки и дејствија кои сериозно им штетат на односите меѓу двете земји и нивните граѓани, токму во духот на европските вредности и слободи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот