Младите повеќе не го чекаат Годо
По проектот „Скопје 2014“, по огромните трошоци за споменици, херои, фаланги, барок и историски митови, започна масовното иселување на граѓаните. Прво Албанците, а потоа и Македонците. Денес заминувањето стана општествен феномен.
Додека политичките лидери во Македонија се занимаваат со меѓусебни обвинувања, со барања за „лекарски уверенија“ и со обиди за елиминација на политичкиот противник, младите повеќе не го чекаат Годо. Тие си заминуваат. Бараат живот, перспектива и достоинство на друго место.
Познатата драма на Самјуел Бекет „Чекајќи го Годо“ ја претставува апсурдноста на бескрајното чекање и недостигот на смисла во животот. На симболичен начин, и нашето општество повеќе од три децении живее во состојба на чекање: чекање за Европа, чекање за интеграција, чекање за историски решенија, за реформи, чекање за подобра иднина, а сега и чекање за нова Македонија. Ова чекање, за мене, претставува иста претстава и приказна како своевремено комунизмот. Во меѓувреме, генерациите го губат трпението.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Се поставува прашањето: дали граѓаните на Македонија стануваат како ликовите на Бекет, Владимир и Естрагон – заложници на бескрајно чекање? Дали оваа состојба ги контролира граѓанските перспективи и емоционалниот живот на луѓето, држејќи ги во духовна и економска стагнација? Некои од нашите лидери изгледа се подготвени да го чекаат „Годо“ уште со децении, додека младите избираат друг пат: емиграцијата.
Погубни идентитети
Кај нас, дебатите за националниот идентитет, јазикот и историјата станаа дел од политичкото секојдневие. Очекувањето некој друг да го „признае“ нашиот идентитет е ситуација што наликува на апсурдот во драмата на Бекет. Но суштинското прашање е: дали идентитетот на еден народ треба да биде потврден од некој друг?
Идентитетот е сложен поим. Тој е поврзан со општествената припадност, културата, колективната меморија, индивидуалната и колективната гордост. Идентитетот е нашиот начин на живеење, нашите убедувања, нашата култура. Во филозофијата на Георг Вилхелм Фридрих Хегел, нештата „по себе“ се потенцијал што треба да се реализираат преку историски и дијалектички развој. Значи, идентитетот не е нешто статично; тој се развива и се трансформира.
Денес националниот идентитет останува најсилната форма на колективен идентитет. Тој го поставува поединецот во рамките на една политичка и културна заедница. Но, во ерата на глобализацијата и масовните миграции, идентитетите стануваат сè повеќе испреплетени.
Доволно е да ја погледнеме фудбалската репрезентација на Франција, па и на другите европски држави. Некогаш се сметаше дека Франција треба да ја претставуваат само бели и христијански Французи. Денес дел од францускиот идентитет се луѓе со мароканско, алжирско, африканско, ерменско или арапско потекло. Модерната нација е производ на економскиот развој, урбанизацијата и меѓукултурната комуникација. Лондон и Англија некогаш беа простори само на белото население, а денес тој град и државата сè повеќе се мултиетнички и стануваат живеалиште за граѓани од целиот свет. Тие стануваат сѐ потемни.
Амин Малуф и современиот идентитет
Читајќи го Амин Малуф и неговото дело „Погубни идентитети“, подобро ја разбираме драмата на современиот човек. Во време кога милиони луѓе живеат далеку од својата татковина, идентитетот станува сè покомплексен.
Децата на нашите емигранти во Данска, Германија или Италија ги зборуваат јазиците на земјите каде што пораснале. Албанскиот и македонскиот јазик често ги зборуваат со тешкотија. Тие носат во себе два света: светот на потеклото и светот на средината во која живеат.
И самиот Малуф, христијански Арап од Либан кој со децении живее во Франција и пишува на француски јазик, го отелотворува овој двоен идентитет. Во таа смисла, идентитетот не е само наследство; тој е и животно искуство.
Тоа се случува и со младите што заминуваат од Тетово, Скопје, Битола или Охрид. Тие постепено создаваат нов, мешан идентитет – истовремено европски и делумно идентитет на своите предци.
Државата како гаранција за идентитетот
Силен национален идентитет не се брани само со политички декларации, туку со функционална држава и развиена економија. Бугарската држава го изгради својот идентитет преку институциите и европската интеграција. И Македонија го има изградено својот посебен идентитет преку државата.
Затоа бескрајните дебати за јазикот, историјата или припадноста често изгледаат бесмислени кога граѓаните масовно си заминуваат. На крајот, прашањето е: чиј идентитет го браниме, ако младите не гледаат иднина тука?
По проектот „Скопје 2014“, по огромните трошоци за споменици, херои, фаланги, барок и историски митови, започна масовното иселување на граѓаните. Прво Албанците, а потоа и Македонците. Денес заминувањето стана општествен феномен.
Една работа треба сите јасно да ја разбереме, а општествената практика го потврдува тој факт – колку повеќе Бугарија економски се зајакнува во рамките на Европската Унија, толку повеќе расте нејзиното регионално влијание. Додека Македонија, останувајќи надвор од интегративните процеси, станува послаба и поизолирана.
Вродениот и стекнатиот идентитет
Идентитетот не е само биологија или потекло. Тој се обликува од средината во која живееме, од културата, јазикот, образованието и општествените односи.
Ако едно дете родено од родители од една етничка и верска припадност расте во друго семејство и друга култура, неговиот идентитет главно ќе се формира од реалноста во која живее. Тоа ќе ги прифати јазикот, културата и погледот на светот на новата средина. Истото важи и за децата, но и за младите емигранти што се преселуваат да живеат во друга културна и административно-политичка средина.
Затоа модерниот идентитет е комбинација од две наследства: вертикалното, кое доаѓа од традицијата, нацијата, јазикот и религијата, и хоризонталното, кое доаѓа од времето и цивилизацијата во која живееме.
Ние денес сме Албанци, Македонци, муслимани или христијани, но истовремено сме и Европејци, дел од глобалното информатичко општество и генерациите Зет. Глобализацијата, а сега и вештачката интелигенција, нè прават сè послични во стилот на живот, комуникацијата и културата. Затоа влечењето јаже со години и децении со Бугарија е бесмислена борба околу тоа кој кого ќе победи. Борба што претставува губење време – без победници и без поразени.
Да учиме од грешките
Грешките се дел од историјата на секој народ. Но трагедијата започнува тогаш кога не учиме од нив.
Македонија помина цели децении во идентитетски конфликти: спорот со Грција за името и Сонцето од Вергина, 25-годишните внатрешни несогласувања околу пописот на населението, 10-годишните конфликти за Тетовскиот универзитет, сегашните дебати за јазикот… И денес, наместо да се фокусираме на економскиот развој и европската интеграција, политиката често создава нови тензии од истите губитнички позиции како триесетгодишната борба за името со Грција.
Во меѓувреме, никој сериозно не прашува зошто илјадници граѓани зедоа бугарски пасоши. Одговорот е едноставен: затоа што луѓето бараа перспектива, слободно движење и економска сигурност. Тие не ја чекаа државата за да се приклучи кон Европа. Тие самите најдоа решение.
Нашиот главен проблем не се само надворешните фактори. Проблемот е што често живеевме надвор од реалноста, потонати во историски митови, споменици и симболички конфликти, додека граѓаните бараа работа, здравство, квалитетно образование и иднина.
Време е да се вратиме кон самите себе, да ги анализираме нашите грешки и да разбереме зошто не одиме напред. Судбината на Македонија пред сè зависи од нас што живееме тука, многу повеќе отколку од надворешните фактори.
Затоа што младите повеќе не го чекаат Годо. Тие си заминуваат.
(Авторот е универзитетски професор)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“


