МКЦ стана членка на „Liveurope“, најреномираната мрежа на концертни сали во Европа

Европската музичка мрежа „Liveurope“ е создадена со цел соработка на култни музички центри што работат заедно за да ја зајакнат различноста на европската музичка сцена, а кофинансирана е од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија. Младинскиот културен центар стана полноправна членка на најреномираната мрежа на концертни сали во Европа „Liveurope“, каде што членуваат легендарни европски концертни сали, кои се од огромна важност за функционирањето на европската музичка индустрија. Од регионалните концертни сали, кои ја имаат таа привилегија да се дел од мрежата, беше единствено културниот центар „Кино Шишка“ од Љубљана, а сега веќе заедно со МКЦ се приклучуваат и „Мочвара“ (Загреб), како и „Принсипл театар клуб“ (Солун).

– Ова е награда за сѐ она што го работевме во изминатите години, а посебно последната година во време на пандемија, кога успеавме да организираме околу 130 концерти. Мрежата е првенствено насочена кон младите бендови и нивната европска промоција, како и кон промоција на европските бендови на нашата сцена – објасни Русе Арсов, директор на МКЦ, на прес-конференција на која за деталите поврзани со ова членство зборуваа и градоначалникот на Скопје Петре Шилегов и музичкиот уредник во МКЦ, Владица Младеновски.

Членството во платформата „Liveurope“ се перципира како сертификат за квалитет што им се доделува на концертни сали што работат посветено на претставување на европската култура и на европската музичка сцена. До минатата година мрежата имаше 16 концертни локации од 16 држави во Европа, меѓу кои се „Ансен Белжик“ од Брисел и „Вега“ од Копенхаген. Од годинава, МКЦ заедно со уште 4 концертни сали од Линц, Братислава, Загреб и Солун стануваат дел од оваа платформа, со што и официјално се потврдува вредноста што МКЦ ја има во културниот живот на државата и во културниот живот на градот, но и во посветеноста на промоцијата на европските вредности и на европската култура на младите автори во Македонија, кои се дел од оваа сцена.

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов и Русе Арсов, директор на МКЦ

– Сакам да упатам голема благодарност до екипата на Младинскиот културен центар, која со својата посветена работа во овие тешки цивилизациски услови успеа не само да се одржи, туку и да израсне во јадро на македонската култура. Во услови на светска пандемија успеавме лани да имаме концерти во секое едно маало во нашиот град во проектот „Култура во време на корона“, одржавме повеќе од 130 концерти и горд сум што како град ја имаме единствената јавна институција, која е дел од европска мрежа на културни институции – рече Шилегов.

Со тоа, додаде тој, Град Скопје се позиционира како битна локација во европската и светската музичка сцена и дополнително се приближува до престижното признание Европска престолнина на културата за 2028 година, на што Град Скопје посветено работи изминатите три години.

Владица Младеновски, музички уредник во МКЦ

Платформата „Livеurope“ e прва иницијатива од ваков вид во Европа, воспоставена е во 2014 година, а координирана од „Ансен Белжик“ од Брисел. Потенцијалните кандидати членки на оваа организација се селектираат врз основа на нивната програма и посветеност во понудата на европски таленти и артисти, како и нивната професионална инфраструктура и меѓународна репутација.

– Во однос на функционирањето, платформата нуди поддршка во форма на финансиски бонус на концертните сали што се дел од платформата, пропорционално на нивната понуда од надоаѓачки, странски европски артисти. Идејата зад овој механизам е да им овозможи финансиска поддршка на концертните сали да работат во овој правец во континуитет, т.е. да промовираат европски артисти секоја година. Концертните сали имаат целосна автономија во нивното програмско одлучување, сѐ додека музичките артисти што ги букираат се надоаѓачки млади европски таленти – објасни Владица Младеновски, музички уредник во МКЦ.

Настап на младиот надоаѓачки бенд „Шамба“

Самиот факт што Младинскиот културен центар, како институција со посветена работа, ентузијазам, напредно програмско делување и неуморност, стана членка на мрежата е силна потврда на нивната работа, но и на меѓународната позиција како важен играч во европската, па и светската музичка индустрија. Овој знак за квалитет ќе даде уште поголем придонес кон збогатувањето на програмската понуда и идните активности на МКЦ. Како потврда на тој факт, веднаш по објавата на членството во мрежата во паркот кај МКЦ настапи младиот надоаѓачки бенд „Шамба“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 75, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 3-4 април 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот