Митровски: Изборот на Абази е доказ дека може да се влијае на изборите за обвинител

Јанаки Митровски

Адвокатот Јанаки Митровски вели дека за него малку менува тоа што првиот човек на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се бира на непосредни избори.

– Постојат мал милион начини да се влијае на изборот и веројатно самиот избор е доказ за тоа. Јас очекував да победи колегата Ермон Незири од проста причина што доаѓа од скопското Основно јавно обвинителство, кое дава околу третина од гласовите, но резултатите велат дека новиот прв човек најмногу гласови добил од ОЈО Скопје што е прилично индикативно – вели Митровски за „Слободен печат“.

Тој додава дека еден обвинител нема потреба да биде познат во јавноста, но  проблем е што Абази е непознат и кај сродните фели – адвокатска, судска, па и обвинителска.

– Секако дека го перцепирам како проблем фактот што не ја удостои јавноста со свое присуство на организирана јавна дебата на ТВ каде што јавноста ќе можеше да се запознае со негивиуте планови, програма за работа, цели итн. На некој начин со овој избор ЈО ГОКК се катицајаневизираше. Подолго време се шпекулираше дека ова столче е резервирано за ДУИ, што е тажно да се каже, но за жал реалноста е таа. Притоа најмалку е важно неговото родно место – додава Митровски.

На вчерашните избори за нов шеф на ЈО ГОКК победникот Ислам Абази освои 66 гласа од колегите обвинители, Ермон Незири од ОЈО Скопје 64 гласа, Деса Пауновска од Вишото обвинителство во Гостивар освои 10 гласа, а поранешната шефица Рускоска 14 гласа.

На првата прес-конференција по изборот обвинителот Абази рече дека не се познава лично со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, не е член на политичка партија и дека ќе работи посветено.

По изборот на непознатиот и анонимен Абази, за кој медиумите во претходните денови не можеа да најдат ниту фотографија, социјалните мрежи два дена вријат од незадоволство. Граѓаните и луѓето од правната фела коментираат дека ДУИ си добил шеф на обвинителство за гонење на организиран криминал, прво заради потеклото на Абази од Зајас, а потоа и заради тоа што првата честитка за изборот му стигна од функционер од ДУИ, заменик-министерот за правда Агим Нухиу. Особено интересен момент беше дека за овој обвинител интернет-пребарувачите не понудија никаква фотографија ниту биографија, што многумина ги потсети на ситуацијата од 2016 година која јавноста ја пребаруваше дотогаш непозната гевгелиска обвинителка Катица Јанева која беше назначена за шеф на тогашното Специјално јавно обвинителство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот