Мишел официјално го закажа неформалниот Самит на ЕУ во Гранада – меѓу темите и иднината на проширената Унија

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел синоќа упати покани до лидерите на земјите членки на ЕУ за учество на неформалниот Самит на Унијата, што ќе се одржи в петок во шпанскиот град Гранада во организација на премиерот на Шпанија, Педро Санчез.

– Овој собир има особено значење: не само што ќе водиме конструктивен дијалог за најважните прашања со кои моментно се соочува нашата Унија, како што е миграцијата, туку овој состанок го означува почетокот на важен процес на размислување за идните приоритети на нашата Унија. Почнувајќи од Гранада, нашите дискусии ќе ни овозможат колективно да го зацртаме курсот на Унијата, дефинирајќи ги нејзините насока и цели за годините што доаѓаат. Резултатот од нашиот процес на размислување во следните неколку месеци ќе ја обликува стратешката агенда 2024-2029 година, наведува Мишел во поканата за учество на средбата на шефовите на држави или влади на ЕУ.

Тој натаму посочува дека по стартот на руската агресија врз Украина пред повеќе од 18 месеци, лидерите на ЕУ на состанокот во Версај се согласија да обезбедат „непоколеблива поддршка“ за Киев и поставија нов стратешки курс за зацврстување на суверенитетот на ЕУ, обврзувајќи се заеднички да ги зајакнат одбранбените капацитети, да ја намалат енергетската зависност од Русија и да изградат поцврста економска база на Унијата.

– Во Гранада е време да погледнеме наназад и критички да го оцениме напредокот во зајакнувањето на нашиот европски суверенитет, идентификувајќи ги нашите достигнувања, како и областите кои се уште бараат наша политичка акција. Исто така, време е да гледаме кон иднината, да ги идентификуваме идните предизвици со кои ќе треба да се соочиме и да ја дефинираме нашата стратегија за да ги искористиме сите можности што претстојат и за да ја осигуриме отпорноста и конкурентноста на ЕУ во оваа променлива геополитичка средина, додава Мишел.

Тој во поканата додава дека покрај оваа „стратешка агенда“, составен дел од оваа дискусија ќе биде и иднината на проширената Европска Унија и „последиците што може да ги повлече ова проширување“ и за самата ЕУ и за аспирантите за членки.

– Од витално значење е да ја разгледаме идната динамика на нашата Унија, нашите политики и донесување одлуки, меѓу другото, за да обезбедиме континуиран успех на ЕУ. Особено ќе се осврнеме на критичните прашања, како што се: Што правиме заедно? Како одлучуваме? Како да ги усогласиме нашите средства со нашите амбиции?, потенцира Мишел во поканата.

Неформалниот самит на ЕУ ќе започне со средба на лидерите со претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мелоца, по што ќе продолжи со дискусии по предложениот дневен ред.

Самитот на ЕУ, ќе се одржи еден ден по состанокот на Европската политичка заедница, закажан за в четврток во Гранада.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот