Министерот Меџити за случајот со починатата Јана: Ќе контактираме со семејството, прво да видиме што е грешката

Министерот за здравство, доктор Фатмир Меџити чека Државниот здравствен и санитарен инспекторат да го заврши вонредниот инспекциски надзор во битолската болница, за потоа, врз основа на факти да сподели детали за случајот во кој почина шестгодишната Јана. Премиерот Димитар Ковачевски пак, во врска со случајот рече дека директорот на битолската болница доктор Александар Обедниковски е на пат за Скопје за да има состанок со раководството на министерството за здравство.
-Информирано е Јавното Обвинителство. Сите детали ќе се споделат со јавноста. Треба врз основа на факти да се утврди објективната состојба и врз основа на тие факти да се направат соодветни санкции таму каде што ќе биде потребно, изјави премиерот Ковачевски.
Министерството за здравство се` уште не контактирало со семејството.
-Ќе имаме контакт и со нив, прво да видиме што е грешката. Го чекаме исходот од надлежните институции, од ДСЗИ и ќе бидете веднаш известени за се што ќе постапиме понатаму, денеска во текот на денот, рече министерот Меџити.
Семејството вчера во изјава за „Слободен печат“ тврдеше дека влошувањето на здравствената состојба на Јана настапило пред нивни очи, додека биле во битолската болница, откако и била администрирана чиста гликоза на веќе покачен шеќер во крвта.