Министерката за култура бара ВМРО-ДПМНЕ и Левица гласаат за новиот Закон за употреба на македонскиот јазик

Законот за употребата на македонскиот јазик е заглавен во Собранието поради пратениците од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ рече вечерва министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.Министерката со апел до Комисијата за култура да седне на маса и да се заврши оваа процедура, бидејќи тековниот Закон е од 1998 година и потребни се овие измени,
Во гостувањето во вестите на МРТ1, Костадиновска-Стојчевска напомена дека со донесување нов закон за употреба на македонскиот јазик ќе се прошират областите во кои задолжително се користат македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо и дека тоа ја дава основата за усвојување национална стратегија за македонскиот јазик што овозможува, како што истакна, дополнително да го чуваме неговиот интегритет.
Пред два месеци триесет и шест пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, како и двајцата пратеници од Левица и пратеникот од Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, не гласаа за новиот Закон за употреба на македонскиот јазик.
Со донесување на нов закон за употребата на македонскиот јазик, ќе се прошират областите во кои задолжително се употребуваат македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо, тврдат од министерството за култура. Ќе се прошири опсегот на задолжително лекторирање на текстови што се објавуваат, а задолжително лекторирање ќе го врши само лектор со лекторска лиценца. Беше објаснето дека задолжително ќе се лекторираат: општите и поединечните акти на законодавната, на извршната и на судската власт и на единиците на локалната самоуправа, службените документи и текстови на овие органи, но и на јавните установи и институции од областа на културата, образованието и науката. Задолжително ќе се лекторираат меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, но задолжително ќе се лекторираат и публикациите и учебниците што се издаваат на македонски јазик, магистерските и докторските трудови што се напишани на македонски јазик, како и тие што се преведуваат на македонски јазик од други јазици, плакатите, летоците, проспектите, транспарентите и друг вид рекламен материјал во физичка форма на правните лица, понатаму називите на производите, амбалажите, налепниците, упатствата, декларациите, сертификатите, лекарствата, сметките, фактурите, уплатниците, потврдите и слично.