Миле Костов ќе раководи со внатрешната контрола во АНБ

Фото: Алсат

Дипломиран правник со 28-годишно работно искуство во службата Миле Костов ќе раководи со организациската единица за внатрешна контрола на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) во наредните шест години, реши собраниската комисија за надзор над работата на агенциите за национална безбедност и за разузнавање.

Костов за позицијата го предложи директорот на АНБ Зарко Милошевски, кој истакна дека Костов својот професионален развој го започнал во 1994 година како оперативен работник кој ги поминал сите работни нивоа во службата и има дадено исклучителен придонес во заштитата на националната безбедност.

– Се работи за личност за која лично сметам дека со својот авторитет, искуство и одлично познавање на законските надлежности ќе одговори на оваа значајна позиција и ќе претставува контролен механизам во работењето на Агенцијата. Со неговиот професионален интегритет, кредибилитет и углед што го има меѓу колегите ќе даде особен придонес во унапредувањето на професионалните стандарди и јакнењето на интегритетот на вработените, како и доследно почитување на законските и подзаконските акти на Агенцијата во целост – објасни Милошевски.

Поради сензитивноста на информациите кои би биле изнесени на седницата во текот на дебатата и со оглед на фактот дека систематизацијата на АНБ е класифициран документ, директорот на Агенцијата Милошевски побара таа да биде затворена за јавност, по што претседателот на комисијата, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Љупчо Пренџов, откако предлогот беше прифатен од мнозинството членови, ја продолжи работата зад затворени врати.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот