„Место на спојување“ е новиот мултимедијален проект на Кристина Пулејкова

Мултимедијалното дело „Место на спојување“ на Кристина Пулејкова, тематски базирано на уникатната миграција на критично загрозената европска јагула, ќе биде претставено на 24 јули, на главното пристаниште во Охрид.

Следејќи го животот на две јагули што доаѓаат од различни позадини (едната живее во Охридското Езеро, додека другата во реката Темза во Лондон) делото „Место на спојување“ на Кристина Пулејкова ќе се обиде да исцрта паралели помеѓу човечките искуства и оние на јагулата во поглед на миграцијата и самоостварувањето. За жал, охридската јагула е спречена да го остварува својот природен репродуктивен пат, бидејќи во 1962 година на трасата на јагулата била изградена брана кон Република Албанија, а денес на таа линија се наоѓаат уште пет други брани. Оттогаш Охридското Езеро вештачки се порибува со јагули.

Овој дискурс на сериозно рамниште го поставува прашањето за човековото влијание врз еколошките катастрофи, од една страна, а исто така и политичкиот удел, перспективи и платформи, од друга страна. Миграцијата на јагулата до Саргаското Море авторката ја користи како аналогија за човековиот стремеж кон самоостварување, потрагата по тоа утописко место на спојување и состојба на битисување.

Визуелниот концепт на Пулејкова со употреба на виртуелна реалност е срочен во подвижни слики

Кристина Пулејкова е македонска уметница која живее на релација Скопје –Лондон. Нејзината интердисциплинарна практика во уметноста е надополнета со наука и технологија. Уметничките дела на Пулејкова имаат за цел да истражат како користењето на технологијата може да добие своја оправданост во одржувањето на релацијата човек-природа.

Кристина Пулејкова е македонска уметница која живее на релација Скопје-Лондон

Работејќи со подвижни слики, звук и инсталации таа цели кон создавање на субјективни наративи, базирани на научни податоци и принципи. Проектот „Место на спојување“ иницира дебата за свесноста за катастрофалната состојба и загрозеноста на европската јагула генерално и критикува за „политичката надмоќ“ на човекот врз судбината на охридската јагула локално.

Визуелниот концепт на Пулејкова со употреба на виртуелна реалност е срочен во подвижни слики, во форма на кореографски танц на две човечки индивидуи кои имаат аналогија на јагули, како и со визуелна и звучна нарација надополнета со дигитални и звучни анимации, кои имаат за цел да го збогатат проектниот вокабулар и да создадат холографска симулација за „свадбениот пат“ на јагулата.

Проектот „Место на спојување“ е поддржан од Принц Клаус Фонд за култура и развој и Гете институтот во рамките на програмата „Уметнички и културни согледувања на климатските промени“. Куратор на проектот е Ана Франговска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 89, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 17-18 јули 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот