Менструална сиромаштија: Жените штедат на средства за хигиена

Нема средствата за менструална хигиена во училиштата, на универзитетите, јавните институции. Додека земјите од ЕУ развиваат добри практики и ги прават достапни, во Македонија не само што нема пристап до вакви услуги, туку досега воопшто не се разговарало на оваа тема.

Институциите не се занимаваат со оваа проблематика, во земјава сѐ уште се присутни предрасудите и срамот за менструалниот циклус, табу-тема се менструалната хигиена, менструалната сиромаштија, не се зборува за менструалната болка која е честа причина за изостанување од часовите и работните места, не се знае што е менструалната правда.

Во земјава не постојат јавни тоалети, во образовните установи нема услови за одржување на менструална хигиена. Истражувањето на Здружението, Тииит!инк и Реактор-истражување во акција, на тема „Менструална правда“, открива загрижувачки податоци меѓу кои: Во училиште девојките се под стрес, стравуваат доколку не носат со себе влошки, тампони или друг вид на заштита во случај да добијат менструација, а ако ги немаат или не можат да ги купат употребуваат тоалетна хартија, марамчиња. Девојчињата од сиромашни семејства или од рурални средини, често се во ситуација да употребуваат крпи, тоалетна хартија, весници. Но, не само што немаат пристап до хигиенски производи, тоалетите во училиштата, на факултетите, немаат безбеден санитарен простор што е опасност по здравјето и ризик по нивниата животна благосостојба и опстанок.

Фото: Приватна архива

Да се биде девојче нa училиште, па и студентка на факултет е искуство исполнето со понижување и неправда кога е во прашање најосновната лична хигиена, вели Румена Бужаровска, писателка, универзитетска професорка и поборничка за женските права.

„Уште од мали нѐ учат дека наша лична одговорност е да најдеме начин како да се справиме со средновековните услови во училишните и факултетски тоалети, па така девојките често носат паломи или влошки за да не се најдат во лоша ситуација, во која згора на сѐ можат и да бидат исмевани зашто имале менструација.

Половина свет има менструација, но не само што тоа, за жал, сѐ уште се смета за табу, па дури и нешто „нечисто“, туку за влошките и тампоните не се размислува како производи што треба да бидат постојано достапни, и што е најбитно, БЕСПЛАТНИ во тоалетите, како што (во теорија, зашто и нив често ги нема) се сапунот и тоалетната хартија. Освен што менструалните производи треба да се достапни и бесплатни, треба и да детабуизира и нормализира менструалната болка.

Девојчињата и жените треба да бидат ослободени од настава, па и од работа кога менструираат, оти медицината – традиционално фокусирана врз машките тела – не нашла за сходно досега да најде начин како да се справи со месечна сериозна болка на половина од светското население“, вели Бужаровска.

Како општество каде стапката на невработеност е над 16 отсто и тоа најмногу кај младо и активно население на возраст од 25 до 39 години, набавката на средства за менструална хигиена или лекови за болка преставува сериозен трошок. Така, 39 отсто од жените испитанички, понекогаш купуваат поевтини производи за хигиена од оние што им се најдобри, а тоа го прават 56 отсто од оние со минимална плата, покажува истражувањето на Тииит! Инк.

Речиси секоја трета учесничка во истражувањето и секоја петта средношколка барем еднаш била во ситуација да нема пари да купи влошки и морала да импровизира со крпи, тоалетна хартија, а половина од учесничките и повеќепати. Вкупно 37 отсто од ученичките отсуствуваат од училиште заради менструација.

Според податоците од истражувањето, 94,2 отсто од жените и девојките чувствуваат менструална болка, поради што секоја четврта изостанува од работа, а 71 отсто користат лекови против менструална болка за што трошат околу 300 денари месечно.

Трошоците се високи ако се земе во предвид економската состојба во земјава, како и стапката на сиромаштија од 22 одсто. Пресметките покажуваат дека грижата за менструалното здравје во текот на репродуктивниот период во просек жената ја чинат 199.569,6 денари.

Жена со просечна нето плата од 27.588 денари, во текот на својот живот троши осум месечни плати само за менструални производи и лекарства за менструална болка. Ова го отвора прашањето за целосно ослободување или намалување на данокот на додадена вредност од 18 отсто на 5 отсто на производите за менструација, влошки, тампони, чашичка, за намалување на продажната цена на овие производи, што е една од главните препораки од истражувањето на Тииит!инк.

Во општество кое се стреми кон родова еднаквост, недискриминација, срамот е присутен во голема мера. 41отсто испитанички се обидувале или сѐ уште се обидуваат да ги скријат влошките или другите производи за менструација кога ги носат во тоалет или кога купуваат во продавница, затоа што е „срамота да се гледаат влошки“. Кај младите на 18-19 годишна возраст ова е присутно кај 54 отсто.

Дури 64 отсто од анкетираните ученички одговориле дека во нивното училиште никогаш не биле организирани предавања или разговори за менструација и за достапните услови за одржување на менструална хигиена. Евидентно е дека недостасува едукација кај младите, тие се недоволно информирани, менструацијата се третира како нешто срамно.

Со пилот програмата за Сеопфатно сексуално образование на МОН, се опфатени предавања за телото и неговата улога, вклучувајќи го и менструалниот циклус, но оваа програма опфаќа само четири училишта, три во Скопје и едно во Тетово.

„Учениците од пилот училиштата ќе развијат знаења за телесните и физиолошките промени кои настануваат во периодот на пубертет и адолесценција, како што се прифаќање на менструалниот циклус како нормална и појава која не треба да предизвикува срам“, велат од Министерството за образование.

Но, ситуацијата на терен, меѓу младите загрижува. Има девојки кои се во неприливигирана социо-економска состојба, кои немале адекватна грижа и нега од возрасните и не знаат ништо за тоа, вели Катерина Иванова, врсничка едукаторка по Сеопфатно Сексуално Образование од ХЕРА.

„На терен при едукација сведочев на ситуација во која две девојки на возраст од 14 и 17 години воопшто не беа запознаени со зборот „менструација“, ниту што всушност претставува менструацијата. Кога ги прашав дали знаат што значи „добивање“ ми рекоа дека така женските „се чистат“.

Кога им ги појаснивме овие појави и што точно претставува менструацијата, тие ми пријдоа на страна и ме прашаа како да изберат средства за менструална хигиена бидејќи гледаат дека нивните врснички користат разно-разни, а тие немале кого да прашаат,која е разликата и како да ги одберат во продавница.

При одбирањето и буџетот на девојките беше проблем на кој во тој момент му најдовме решение, но долгорочно решение е потребно не само за нив, туку за секоја девојка во таа ситуација. Неретко на терен слушаме и за отсуство од училиште не само поради немање средства за менстраулна хигиена, туку и поради болки и непријатност кои ја проследуваат менструацијата. Девојките најчесто не наидуваат на разбирање од наставниците, па мораат да ги оправдуваат своите отсуства на други начини“, објаснува Иванова од ХЕРА, млади.

Институциите со многу ветувања – во пракса реализација нема

Надлежните министерства, ЗЕЛС, општините и училиштата до сега не се занимавале со ова основно човеково право што содржи право на здравје, образование, работа, родова еднаквост, недискриминација и е широк јавен интерес.

Во Министерството за здравство велат дека една од нивните заложби во следниот период е унапредување на политиките за пристап до менструална хигиена во училиштата и подобрување на оваа состојба за која сметаат дека е навистина од висока важност и итност, како и конкретни мерки и обезбедување соодветни препораки за подобрување на репродуктивното здравје на жените и младите девојки.

„Овозможувањето целосна достапност до санитација и хигиена во основните и средните училишта за девојчињата, адаптацијата на тоалети за управување со менструалната хигиена, прилагодувањето на санитарната инфраструктура, како и обезбедувањето производи за менструална хигиена се некои од начините кои Министерството за здравство ги разгледува и ги има предвид во стратешкото планирање за унапредувањето на овие политики“, велат од стручните служби на Министерството за здравство.

Иако Комисијата не се состанала повеќе од една година, во министерството тврдат дека во периодот кој следи, ќе се спроведе процес на подготвување на нова Стратегија за репродуктивно здравје преку вклучување на сите засегнати страни во соработка со здруженијата кои работат и делуваат на полето на репродуктивното здравје и менструалната хигиена, за здруженијата да можат да дадат директен придонес во донесувањето на одлуките.

Од Министерството за труд и социјална политика тврдат дека се насочуваат кон политиките за родова еднаквост во Стратегијата за родова еднаквост и имаат предвидено широка рамка за поддршка на жените од ранливите категории.

„Согласно, Стратегијата за родова еднаквост, во Националниот акциски план доколку Министерството за здравство одреди како приоритет- може да се вклучат активности кои се однесуваат на справување со менструална сиромаштија, во рамки на нивната програма за сексуално и репродуктивно здравје или  Превентивната  програма за мајки и деца“, велат од МТСП.

Но, сето тоа е далеку од реалната состојба во училиштата. Тоалетите се во лоша состојба, некаде има сапун, некаде нема. Дури и во тие што се реновирани нема услови за менструална хигиена и доколку се набават влошки нема каде да се стават, нема полици и шкафчиња.

Од Министертвото за образование тврдат дека редовно уплаќаат блок дотации на општините, од кои еден дел, освен за реализирање на воспитно-образовниот процес, ги покриваат и набавките за функционирање.

„Секоја општина и училиште самостојно ги планираат набавките со кои се сервисираат потребите на училиштата и учениците. Дополнително во услови на пандемија, континуирано се зголемуваат блок дотациите од МОН кон општините. Министерството за образование во 2021 година ги зголеми блок дотациите кон општините за 2 %. Ги поттикнуваме локалните самоуправи како основачи на училиштата, да ги пресретнуваат потребите на учениците“, порачуваат од МОН.

Од таму велат дека во Буџетот на МОН за оваа година предвидени се околу една милијарда денари за капитални инвестиции, а со дел од овие средства во тек е или целосно е завршена санацијата на санитарните јазли во дел од училиштата во државата. Ги порачуваат на општините да аплицираат за проекти за реконструкција и саниција.

Од ЗЕЛС, му возвраќаат на МОН-не е точно дека постојано се зголемува блок дотацијата за образование за општините.

„Напротив имаме голем недостаток на средства поради бројните дополнителни обврски и задолженија што во континуитет ги добиваат општините во оваа област, а при тоа блок дотациите ниту приближно не соодвествуваат на реалните потреби. Во услови на пандемија трошоците уште повеќе се зголемија за електронски помагала за наставниците и учениците, за зајакнување на интернет мрежата во училиштата, за средства за дезинфекција.

Поради промени во образовните програми се зголеми и бројот на наставници и потребата од дополнителни финансиски средства. Со новиот закон се воведе и инклузивното образование. За реализација на сето тоа потребни се повеќе финансиски средства, а зголемувањета на блок дотациите за општините се минимални“ велат во ЗЕЛС.

Од ЗЕЛС сметаат дека овој проблем заслужува посебно внимание и поддршка од повисоко ниво. Доколку соодветно се презентира пред локалната власт од страна на училиштата, сметаат дека поголем број на општини би обезбедиле средства за оваа намена и покрај тоа што се соочуваат со недостиг на финансиски средства.

Очигледно, менструалната сиромаштија е непрепознаена или постои само на хартија. Засега, дел од невладините организации се единствените кои делуваат и работат на тоа да се актуелизира овој проблем. На потег се институците.

Фото: Приватна архива

Развиените земји се грижат за менструалното здравје на жената

И додека надлежните се натегаат дали има пари или не за оваа намена светот на големо работи на добри практики, а најдобриот пример доаѓа од Англија, односно од Шкотска. Таа е првата и засега единствената земја во светот која законски ги обврзува сите јавни институции, вклучително училиштата и универзитетите, да овозможат бесплатно достапни производи за менструација во своите простории.

Законот кој стапи на сила во јануари 2021 година, ја обврзува шкотската влада да направи национална програма преку која ќе се обезбедат бесплатни производи на сите на кои им се потребни. Училиштата и универзитетите мора да имаат достапни повеќе видови бесплатни производи за менструација во нивните тоалети, а Владата има моќ да ги обврзе сите други јавни установи да обезбедат бесплатни влошки и тампони.

Ваквите промени во шкотското законодавство следувале по многубројните активности со кои се укажувало на проблемот со менструалната сиромаштија, а овие практики биле од млади активистки, особено во образовните институции. По примерот на Шкотска, во моментот Ирска предлага сличен закон до ирскиот парламент.

Што се однесува до легислатива за ослободување или намалување на данокот за менструални производи, Европскиот парламент во 2019 година донесе Резолуција со која ги повикува земјите членки да ги намалат даноците за производите за менструација, при тоа повикувајќи се на основните вредности и начела на ЕУ за промовирање на родова еднаквост и недискриминација.

Директивата на ЕУ за заеднички систем за оданочување од 2006 година претставува основа за намалување на данокот на менструалните производи на 5% на ниво на сите држави-членки. Голем дел од државите во ЕУ веќе ја имплементираат оваа директива, како што се: Белгија, Холандија, Португалија, Франција и Кипар, а во Ирска, ваквите производи се целосно ослободени од данок.

Останува да се надеваме дека ваквите практики со намалување на продажната цена на овие производи можат да послужат како пример во нашата земја и директно да влијаат за надминување на менструалната сиромаштија. Дотогаш, од суштинско значење е развивањето и подигањето на свеста кај граѓаните за оваа проблематика.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот