Мелони цврсто стои зад одлуката за данокот на италијанските банки

Џорџа Мелони / Фото EPA-EFE/FABIO FRUSTACI

Италијанската премиерка Џорџа Мелони ја презеде „целосната одговорност“ за минатонеделната ненадејна одлука да воведе еднократен данок од 40 отсто на добивката на банките, што го наруши кредибилитетот на нејзината влада на меѓународните финансиски пазари.

Мелони за италијанските весници „Кориере дела сера“, „Ла Република“ и „Ла Стампа“ изјави дека данокот од 40 отсто нема казнена намера.

„Би го направила тоа повторно. Затоа што верувам дека мора да се направат вистинските работи. Ова е одлука што ја донесов сама. Тоа е чувствително прашање и јас преземам целосна одговорност за тоа“, додаде Мелони.

Во обид да ја зацврсти својата политичка база, италијанската конзервативна влада објави ненадејна одлука минатиот понеделник, што предизвика голема распродажба на банкарските акции еден ден подоцна, не само во големите италијански банки, туку и во другите банкарски гиганти во зоната на ЕУ.

Неполни 24 часа подоцна, таа делумно се повлече, појаснувајќи дека максималниот износ на данок што ќе го плаќаат банките ќе биде 0,1 отсто од вредноста на нивните средства.

Еднократниот данок ја оданочува силната добивка што ја остварија банките благодарение на растот на каматите. Ројтер дозна дека италијанското Министерство за финансии ќе собере нешто помалку од 3 милијарди евра од данокот. Но, пред да се разјасни како е воведена максималната граница за оданочување, пресметките укажуваа на значително повисоките износи.

Откако беше забележано дека министерот за економија Џанкарло Џорџети не беше присутен на минатонеделната прес-конференција на која беше објавен данокот, Мелони денеска изјави дека бил информиран за одлуката. Но, другите членови на владата ќе се воздржат од коментари поради чувствителноста на ова прашање, додаде таа.

Италијанската влада си поигруваше со идејата за оданочување на рекордната банкарска добивка поради повисоките каматни стапки, но се чини дека делумно се повлече, иако нејзината нејасна комуникација за ова прашање предизвика тревога кај меѓународните инвеститори, пренесува Ројтерс.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот