Меѓународен ден на студентите: Студентскиот стандард во државава сè уште на ниско ниво

Студент / Фото: Слободен печат. - Драган Митрески

Образованието е пасош за влез во подобра иднина и таа им припаѓа на оние кои вложуваат во себе секојдневно. На Меѓународниот ден на студентите, дел од младите кои студираат во државава и студентските претставници порачуваат само едно, а тоа е дека пасошот за подобра иднина во голема мера зависи и од студентскиот стандард. Иако се преземаат мерки, велат, сепак треба да се вложи многу повеќе и со позасилено темпо.

– Не сум задоволна од студентскиот стандард. Мислам дека треба повеќе. Имам впечаток дека последниов период не се подобри ништо во однос на студентскиот стандард затоа и денеска си ги земав документите, ќе се отпишам и ќе се запишам на приватен факултет. Имам пријатели кои се одлучија да студираат во странство, повеќето во Словенија. Поради условите, поради општеството, поради целата држава некако сме принудени на таквите чекори, вели еден студентка во разговор за МИА.

Дека не се задоволни од состојбите потврдуваат и други, посочувајќи дека пандемијата само ги истакна недостатоците во образовниот систем.

Од Младинскиот образовен форум појаснуваат дека студентскиот стандард е тесно поврзан со животниот стандард во земјата, но согласни се дека државата треба да ги зголеми напорите во насока на поголема поддршка и подобрување.

Пандемијата, освен што ги истакна проблемите во образовниот систем, успеа на студентите да им ја одземе привилегијата одредени викенди да патуваат со воз бесплатно. Немаше потреба таа мерка да биде ставена во мирување, велат студентите.

– Немаше потреба да се прекине бесплатниот воз за студенти, нема зошто да се прекине, треба да се врати затоа што ние сме редовни студенти кои редовно студираат, не може секој паралелно и да работи и да студира, така што не е во ред, изјави студентката Садета Агошта.

Некои од студентите велат дека е конфузно тоа што од една страна се ставени целосните капацитети во студентските домови на располагање, а од друга страна не е вратен беплатниот воз.

Од Министерството за транспорт и врски за МИА посочуваат дека немаат информација кога би се вратила оваа мерка.

– Со одлука на Владата на Република Северна Македонија, во март 2020, година заради Ковид пандемијата и мерките за заштита на населението, овој тип на бесплатен превоз е привремено ставен во мирување. Засега нема информација кога би се вратиле, стои во одговорот од министерството.

Од Младинскиот образовен форум за МИА порачуваат дека оваа мерка без разлика дали владее пандемија или не, треба да остане достапна за студентите.

– Студентите кои студираат надвор од местото на живеење имаат поголеми трошоци за студиите, поради тоа државата треба да ги користи сите достапни механизми за намалување на нивните трошоци и со тоа зголемување на нивниот животен стандард. Бесплатниот превоз, без разлика дали е во време на пандемија или не, треба да биде достапен за сите студенти, велат од МОФ.

Пад на светските ранг листи, универзитетите лошо оценети

Проблемот со студентскиот стандард станува уште поголем ако се земе предвид квалитетот на образованието. Земјите како Словенија во последно време сеповеќе сè посакувана дестинација за младите од државава.

– Тоа, освен на условите за престој и напредок, се должи и на квалитетот на образованието, сметаат студенти кои решиле да заминат на школување во странство.

Младите најчесто се одлучуваат да студираат во другите држави поради егзистенција, признаени дипломи и подобрите услови и во студентските домови, како и во образованието, образложува еден од студентите.

– Со оглед на фактот што чекав една година за да добијам диплома, значи дека нешто треба да се поправи. Јас лично верувам дека стандардот и квалитетот на образованието што го добиваат студентите во другите земји е далеку поголем, се надоврзува друг.

Според Младинскиот образовен форум, факт е дека студентите се решаваат да студираат во странство за да добијат поквалитетно образование.

– Македонските универзитети тонат секоја година, а не гледаме никаков напредок ниту па развојна стратегија за високото образование. Во моментов, ниту еден од домашните универзитети не можете да го пронајдете, ниту во најдобрите 1 500 универзитети, а падот на светските ранг листи продолжува секоја година. Универзитетите немаат ниту научно-истражувачка дејност, ниту особено квалитетна практична настава, ниту пак голема посветеност на теоријата. Едноставно немаме квалитетен универзитет кој би ги мотивирал студентите да останат тука, објаснуваат од МОФ.

Потребно подобрување на условите во студентските домови

Условите во студентските домови се задоволителни, но сè уште имаат потреба од подобрување. Оваа го потврдија поголемиот број од младите испитаници од спроведената онлајн анкета. Од вкупно 219 млади лица, 121 испитаник се согласи дека се потребни промени на подобро. Додека, 74 одговориле оти воопшто не се задоволни од условите.

– Неспорно е дека имаме значителни зголемувања на финансиските трансфери кон студентите. Сепак, од друга страна, студентските домови сè уште се на незадоволително ниво, односно, условите за живеење во нив се недостојни за еден млад студент што значи дека дефинитивно се потребни значајни инфраструктурни инвестиции во истите. Овие инвестиции мораат да се одвиваат побрзо и подинамично, со оглед на тоа какви услови владеат во студентските домови, заклучија од МОФ.

Директорот на Државни студентски домови, Виктор Велевски, оцени дека студентскиот стандард бележи континуиран раст, а воедно најави и голем проект.

– Реконструкцијата на студентските домови е во фаза на подготовка на проектна документација. Целиот проект е финансиран преку германската КФ Банка од која се одобрени средства за целосна реконструкција по највисоки стандарди. Очекуваме во текот на 2022 да започне планираната реконструкција. Во овој проект влегуваат два објекти кои се под ДСД Скопје и тоа: Стив Наумов и студентскиот дом Кузман Јосифоцски – Питу, појасни Велевски.

Додаде дека во тек е изработка на закон кој ќе има за цел да ги постави студентските и ученичките домови самоодржливи.

– Станува збор за зголемување на партиципацијата по студент/ученик која ја исплаќа Министерство за образование и наука по сместен студент/ученик, а која вклучува трошоци за храна, сместување и се она што е потребно за студентите да имаат достоен престој во студентските домови. Јас од мое лично име упатувам благодарност до МОН и Владата што после 15 години се разгледува ова прашање и сме пред конечно решавање на овој долгогодишен проблем, рече Велевски.

Од МОН уверуваат дека студентскиот стандард е еден од приоритетите на Министерството.

– Унапредувањето на студентскиот стандард е еден од приоритетите на кои е посветено Министерството за образование и наука со цел да се стимулира заложбата за стекнување што повеќе и поквалитетни знаења и за олеснување на студентскиот живот. Така што, буџетот за оваа намена постојано се зголемува, велат од МОН.

Ако се направи ретроспектива на мерките и вложувањата во студентскиот стандард во државава, може да се забележи напредок. Mеѓутоа, во споредба со квалитетот на студентскиот стандард во другите развиени земји, тој напредок е далеку од доволен.

Седумнаесетти ноември не случајно е одбран за Меѓународен ден на студентите. На овој датум се случил нападот на нацистичката Германија врз чешките универзитети, кога биле убиени девет студентски лидери, а повеќе од 1 200 студенти биле испратени во концентрациони логори од нацистичките трупи.

На овој ден, исто така, се случил уште еден важен настан во Гетеборг, каде што бил потпишан документот за Европскиот столб за социјални права како заложба од сите институции на ЕУ да работат за поинклузивна и поправедна Европа.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот