Фото: EPA/LUKAS COCH

Медведев со спектакуларен пресврт до осминафинале во Австралија

Рускиот ас Данил Медведев продолжува со одличните настапи на стартот од новата сезона, обезбедувајќи место во осминафиналето на Австралија опен по вистинска тениска драма во Мелбурн. Трикратниот финалист на турнирот направи голем пресврт и го елиминираше Фабиан Марожан со 3-2 во сетови (6-7, 4-6, 7-5, 6-0, 6-3) по речиси четиричасовна исцрпувачка битка.

Мечот започна неочекувано лошо за Медведев, кој ги загуби првите два сета и се најде пред рана елиминација. Унгарскиот тенисер играше инспирирано и со брејк на стартот од третиот сет најави можна сензација. Сепак, токму во тие моменти Медведев го покажа менталниот квалитет и искуството, експресно возврати со рибрејк, а во финишот на сетот го наметна својот ритам и го доби со 7-5, што се покажа како клучен момент на натпреварот.

По тој пресврт, Русинот целосно ја презеде контролата. Во четвртиот сет беше апсолутно доминантен, не му препушти ниту еден гем на противникот и за само дваесетина минути израмни на 2-2. Во одлучувачкиот сет Медведев рутински ја комплетираше победата, додека Марожан очигледно немаше сила да парира.

Бројките зборуваат сами за себе, 19 аса и дури 48 винери за рускиот тенисер, кој по петти пат во кариерата се врати од негатива од 0-2 во сетови. Овој триумф е силна најава дека Медведев повторно се движи кон врвот и враќање меѓу најдобрите десет на АТП-листата. Во осминафиналето го очекува пресметка со талентираниот Американец Лернер Тиен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот