Медицински сестри сведочат за Слободен печат: Немаме доволна заштита, а граѓаните се несовесни

Откако во поликлиника Јане Сандански се отвори пункт за тестирање од вирусот ковид-19, медицинските сестри и доктори стравуваат за нивното здравје. Иако е добро познато дека пунктот е поставен на посебен влез и здравствените работници кои вршат тестирање носат заштитна опрема, опасноста од заболување од коронавирусот ја чувствува и медицинскиот персонал кој не е во директен контакт со евентуалните заболени.

Медицинска сестра вработена во поликлиниката, истакнува дека не се доволно заштитени, бидејќи надлежните сметаат дека не се изложени на ризик, но не е така, вели таа. Со читателите на Слободен печат ја споделува секојдневната рутина и пристапот кој го имаат кон пациентите.

– Термин за тестирање на пациентите им закажуваме преку мој термин откако телефонски тие одговараат на прашања од анкетата. Само ако позитивно одговорат на  сите прашања, имаат право на тестирање. Доколку само едно од прашањата е негативно, на пример не биле во контакт со некој од странство, но сепак имаат висока температура, кашлица или некоја друга потешкотија, тие инсистираат да посетат матичен лекар. Ние тоа не можеме да им го забраниме. А кога доаѓаат, никој не знае дали се носители на вирусот – објаснува медицинската сестра.

Таа додава дека од заштитна опрема имаат маска, ракавици и капи коишто ги обезбедуваат приватните ординации и им ги даваат на вработените.

– Не е точно дека немаме контакт со пациенти. Поради состојбата со коронавирусот лекари од специјалистичките ординации дежураат на Инфективна клиника. Поради тоа, ние не ги препраќаме пациентите, туку ги вршиме сите потребни интервенции. На пример вадиме конци, ставаме катетар бидејќи не работи амбулантата на урологија, правиме ЕКГ ако дојде пациент со тахикардија. Не само што сме во контакт, туку сме и во допир со пациентите – објаснува медицинската сестра, која сакаше да остане анонимна, но и е позната на редакцијата.

И лаборантите се во директен контакт со пациенти и имаат оскудна заштитна опрема

– Лабораторијата е секогаш полна, исто како што беше пред да се појави вирусот. Доаѓаат пациенти за проверка на крвна слика, не можеме да ги вратиме, но работиме со страв, бидејќи не сме доволно заштитени. Немаме скафандери, ниту визири – се жали лаборантката со која разговаравме.

Во амбулантите не се почитува полицискиот час

Ако дојдете во поликлиниката Јане Сандански, по 11 часот ќе видите дека не се почитува полицискиот час. Иако на граѓаните постари од 67 години им е забрането да бидат надвор од дома, амбулантата е полна и со 80 годишници, можеби и постари. Им кажуваме дека не треба да бидат надвор, ама не разбираат. Полиција никогаш не дошла во проверка да види дали се почитува полицискиот час, додава нашата соговорничка и нагласува дека забележителна е голема недисциплина кај граѓаните, бидејќи голем дел од нив на лекар одат без маска и ракавици.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот