Маврово ќе биде зелено само ако биде заштитено со закон

Фото: Слободен печат

Без тој закон, Маврово и неговата вонредна убавина сѐ повеќе наликуваат на дивеч за отстрел во сезона за лов – сите му се восхитуваат, гледајќи го низ нишанот, но само како трофеј со кој ќе се пофалат.

Заштита на животната средина, зачувување на природата, производство на енергија од обновливи извори преку реализација на зелената агенда вети предизборно премиерот Зоран Заев од Маврово-Ростуше. Балканскиот рис, загрозен животински вид чие живеалиште е токму на територијата на оваа општина што се протега низ националниот парк Маврово, како и преостанатиот богат животински свет, ѝ се важни на државата и ќе биде земенo предвид и при изградбата на идните патни делници низ овој дел од државата, вети премиерот.

Јасно е дека зелената агенда е несомнениот моден хит на политичката понуда за локалните избори. ДУИ веќе подолго време се префарба во зелено ветувајќи модерна европска агенда. Ваквите ветувања секогаш добро поминуваат кај гласачите, бидејќи тие желно очекуваат конкретни решенија за сѐ позагрижувачката состојба во која се наоѓа животната средина, а со тоа конечно да се подобри квалитетот на животот на граѓаните.

Но, зеленото Маврово и неговата исконска убавина, неговите вонредни природни карактеристики и богатството на растителниот и на животинскиот свет не се штитат со убаво стокмени ветувања бидејќи тие и досега не го заштитиле. Тие се штитат со закон и со негово почитување, а тоа, за Маврово, барем засега, го нема.

Зелените агенди и енергијата од обновливите извори за производство на електрична енергија имаат и своја темна страна, а таа не се отвора кога се искажуваат предизборните ветувања. Предизборната трка елегантно ги заобиколува дивоградбите, бетонските повеќекатници надвиснати над Мавровското Езеро и прекумерната сеча на шумите, отпадни води што непречистени се влеваат во бистрите езерски и речни води во Маврово, изградените и најавени мали хидроцентрали среде најубавите и најдиви предели на Бистра, Кораб. Не ги гледа канализациските цевки што течат директно во Радика и во езерото, мижи пред бетонските џиновски грдотии што секојдневно никнуваат онаму каде што до вчера биле исконските букови шуми на Маврово.

Тоа е тажното секојдневие онаму каде што зачувувањето на природното богатство морало да биде приоритет. Приоритетот е ставен на хартија, но стои во фиока уште од 2015 година, од кога датира напишаниот, а никогаш недонесен закон за повторно прогласување на Маврово за национален парк, што е законска обврска стара безмалку 20 години. А, без тој закон, Маврово и неговата вонредна убавина сѐ повеќе наликуваат на дивеч за отстрел во сезона за лов – сите му се восхитуваат гледајќи го низ нишанот, но само како трофеј со кој ќе се пофалат.

Надлежните тврдат државата сака да го заштити Маврово, но никако да се договорат што ќе прават со малите хидроцентрали, за кои се веќе издадени концесии. СДСМ и ДУИ во тој процес ги имаат одлучувачките улоги, бидејќи во своите раце досега имаа сѐ што е неопходно да се заштити Маврово – власт и на централно и на локално ниво, во Управата на Националниот парк, во клучното Министерство за животна средина и просторно планирање. Но, никако да заврши натегањето околу тоа дали да им се угоди на оние кои сакаат да прават профит од убавината и дивината на Маврово или да се заштити и да се зачува она што ни припаѓа не само нам, туку и на следните поколенија од кои сме го позајмиле ама тешко успеваме да го зачуваме неоштетено.

Аргументите дека работата ја оплескале претходните и дека државата ќе треба да плаќа отштета за неизградените мали хидроцентрали не држи, бидејќи сегашните се таму каде што се токму затоа што се нафатиле да ги исправаат грешките на своите претходници. Најдобриот адут за секоја власт се исполнетите обврски кон граѓаните, а нејзина обврска во Маврово е да го заштити со закон и тој закон да го почитува и доследно да го применува.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот