Манифестацијата „Глумците пеат“ ќе се одржи на сцената во Националната опера и балет

Организаторите на 25 март одржаа прес-конференција за новото издание на „Глумците пеат“

Манифестацијата „Глумците пеат“, која минатата година триумфално се врати на театарската сцена, поради големиот интерес на публиката годинава ќе се одржи во две вечери, на 29 и 30 март во Националната опера и балет.

Покрај дводневниот формат, манифестацијата има и тематска одредница. Организаторите одлучија тоа да биде „Евровизија“ и што би се случило ако изборот се одржи кај нас. Познати евровизиски хитови, домашни и странски, ќе изведат актери од сите театри во земјава.

Режисер и годинава е Дејан Пројковски, кореограф е Олга Панго, дигирент Љупчо Мирковски, a Бобан Мирковски e автор на аранжманите наменски напишани за сите песни кои ќе бидат изведени. На сцена ќе бидат 40 актери и 22 члена во оркестарот, а во целата продукција се вклучени околу сто луѓе.

Маја Бабиќ од „Баги комуникации“, ќерка на актерот Марин Бабиќ – идејниот творец и организатор на „Глумците пеат“ – на наменски одржана прес-конференција изјави дека шоуто оваа година ќе трае околу два и пол часа и се обидуваат да го вратат настанот онака како што Марин замислувал да го направи.

Таа рече дека „Глумците пеат“ е најголема продукција во државава и платформа која им овозможува на актерите да излезат од својата комфорна зона, од своите театри, и да имаат целосна слобода да ја креираат својата точка и да соработуваат со колеги со кои можеби ќе немаат можност во текот на кариерата. Особено ова е шанса за младите актери „да ги добијат своите пет минути“ за да се промовираат. За концептот на настанот рече дека е еден вид приказна со смислена тема која се провлекува низ целото пеење.

Според режисерот Пројковски, „Глумците пеат“ е „фабрика за производство на забава“. Манифестацијата не се занимава со ретроспектива, со историјатот на „Евровизија“, бидејќи целта не била да се изберат најдобрите песни од тој натпревар.

– Она што е интересно кај „Глумците пеат“ е дека има еден натпревар кој ќе биде покреативен, бидејќи само добрата изведба на песната тука не значи ништо. Ние сме фабрика за производство на забава и тоа ни е основната тема. Ние си ги одбираме песните преку коишто можеме да ја создадеме забавата. Така што, нашиот избор на песни не е наш однос кон песните дали се добри или лоши – рече Пројковски.

Организирањето на „Глумците пеат“ е поддржано од неколку спонзори, а манифестацијата првпат доби поддршка и од Министерството за култура. Билетите за двете вечери се распродадени. Иако интересот е голем, засега тимот не размислува шоуто да го пресели во спортска сала.

– Ова е, сепак, прослава на театарот. Се надевам дека конечно ќе ни направат концертна сала каде што ќе има барем 1500 седишта за да може квалитетно да ја направиме продукцијата – истакна Бабиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот