Малески: Решението на спорот ќе го сочува образот на Бугарија и ќе нема победници и поразени

Заедничкото патување на македонскиот претседател Стево Пендаровски и неговиот бугарски колега Румен Радев во Рим е уште еден импулс кон позитивен исчекор на самитот во јуни, смета аналитичарот Огнен Малески.

– Оваа изразена добра волја на двајцата претседатели да се најде решение се вклопува со напорите на меѓународната заедница од изминатиов период. Деновиве преовладува една позитивна реторика што може да доведе до тоа Бугарија да го тргне ветото и Македонија во јуни да го продожи пристапниот процес кон ЕУ. Јасно е дека формулата со која ќе се случи тоа ќе биде на начин да се сочува образот на Бугарија, без поразен и победник, прифатлива за двете страни, а истовремено претставена на начин да помине во јавноста на двете земји. Ако во јуни Македонија ги почне преговорите со ЕУ, тој позитивен импулс потоа двете земји може да го искористат при решавањето на покомплексните прашања – вели Малески за „Слободен печат“.

Тој додава дека желбата за решение е најважна, а начин секогаш ќе се најде и потенцира дека токму примерот со техничката влада во Бугарија го покажува тоа, односно ако Бугарија не сака решение ќе вели дека техничката влада нема мандат за тоа, а ако сака, ќе ја искористи токму  техничката влада за да им се нанесе најмалку политичка штета на партиите кои градат.

– Македонија и Бугарија треба да почнат да разговараат за економија, култура, образование. Ние немаме ни автопат ни пруга што не поврзува и наместо да мислиме на тоа, ние мислиме на минатото. Треба да се редефинираат приоритетите во билатералните односи на двете земји и да продолжат да се развиваат во европски и пријателски дух, како соседски земји, членки во исти сојузи – вели Малески.

Се очекува Македонија и Бугарија, според најавите на властите во двете земји, во наредните две-три седмици да видат интензивен дијалог и да најдат решение. Во петокот во Софија и во Скопје португалскиот МНР Аугусто Сантош Силва и еврокомесарот за проширување Оливер Вархељи испорачаа нивен предлог како да се надминат проблемите, кој Софија веднаш го одби, а премиерот Зоран Заев го оцени како „предлог што води сметка за двете страни“. Содржината на овој предлог се уште не е обелоденета.

Видео на денот