„Мал Шенген“ ги скара и „Големите“ Албанци

Идеите за соработка на Балканот тешко пробиваат во децениски нетрпеливите меѓуетнички односи обременети со војни и други видови насилство.
„Мал Шенген“ е последниот обид за барем економско поврзување на земјите од регионот. Во него би требало да влезе Балканската шесторка од која дури пет се наследнички на поренешната СФРЈ, плус Албанија. И тука настанува конфликт-заедничкото минато на „петте“. Би се очекувало дека единствениот пазар што го делеа сега веќе новите држави, произлезени од распаѓањето на заедничката држава би требало да ја олесни работата. Но, не! Напротив. Надвладеа политичката недоверба над економскиот интерес.
Старите препукувања меѓу Србија и Хрватска продолжуваат во истиот дух од сите минати војни. Непосредно пред одржување на Конгресот на Европските народни пртии во Згреб вокабуларот останал ист, „Четници контра Усташи“…

Она што е ново и ја доискривува целата слика за Западен Балкан како „успешна приказна подготвена за ЕУ“ е раздорот меѓу албанското политичко ткиво во државите во кои живеат.
Обвинувања и навреди, политички дисквалификации, мудрувања…

Прво Албанскиот Премиер Еди Рама од Охрид ја „подучи“ Приштина дека требала да присуствува на вториот состанокот на лидерите од регионот по повод „Мал Шенген“,на кој Претседателот на Косово Хашим Тачи беше поканет, но одби да дојде.
„Нема пречки претседателот на Косово, рамноправно да разговара со сите и да се договорат сите делови од оваа спогодба. Ниту јас сум го сменил мислењето дека Србија треба да го признае Косово, но нерешавањето на тоа прашање апсолутно не е оправдание Косово да биде исклучено од решавањето на проблемите на своите граѓани“, рече Рама.

Косоварите остро му вратија.

Косовскиот социолог и универзитетски професор Дадил Малоку побара од косовските власти албанскиот Премиер, Еди Рама да го прогласат за непожелна личност.
„Очигледно е дека овој човек е опкружен со просрпски советници, ѓаволски работи за една мини балканска Југославија“, порача Малоку.
Заменик министерот за одбрана и висок претавник на Алијансата за иднината на Косово Бурим Рамадани, ја нарече идејата за „мини Шенген“ проруска замка.
Лидерот на ДСК, Иса Мустафа, смета дека иницијативата за „мини шенген“ не е прифатлива бидејќи целта била создавање на нова Југославија, со Албанија, без Словенија и Хрватска.
Албин Курти идниот косовски Премиер вели дека проектот, започнат во Нови Сад и продолжен во Охрид, не само што бил брз и погрешен, туку Албанија требало да го започне со Приштина, а не со Белград.
„Не се почнува со Србија. Се почнува со договор меѓу Косово и Албанија, па се продолжува со договор меѓу Хрватска и Бугарија, а потоа со официјално Сараево, Подгорица и Скопје, па дури на крај договор со Белград“ – рекол Курти.

Рама им врати.
„Косовските политичари со спротиставувањето на заедничката иницијатива за создавање „мал Шенген“ ја загрозуваат надворешната политика на Албанија поради своите внатрешно-политички интереси“, изјавил Рама.
Што се однесува на изјавата на Курти за отворање на границата меѓу Албанија и Косово, Рама рече дека такво нешто нема да може да се направи без согласност од Србија.

Ниту српскиот Претседател не поминал „сјајно„ со дел од својата опозиција.
Најостра е реакцијата на Претседателот на Двери Бошко Обрадовиќ, кој кратко искоментирал „Мал Шенген – Голема Албанија“.
Реагираше и потпретседателот на НС, Мирослав Алексиќ, кој смета дека ова е скандалозно и срамно.
„Малиот Шенген“ сигурно ќе донесе многу поголема корист за Албанија и Македонија, затоа што ние, пред сè, сме поголеми пазари од нив“,истакнал Алексиќ.
„Малиот Шенген“ е остварување на интересите на Русија на Путин во Втората студена војна против ЕУ“, се вели во соопштението на Глас.

За воља на вистината има и партии кои ја подржуваат иницијативата за „Мал Шенген“.

Претседателот на ДС, Зоран Лутовац, изјави дека меѓусебното поврзување, слободното движење на луѓе, стоки и капитал е во интерес на сите во регионот.
Партијата на слободата и правдата (ССП) на Драган Ѓилас веќе за Слободен печат изјави дека „мал шенген“ е добра идеа.
Демократската партија (ДС) е со став дека овој договор е во интерес на сите во регионот.

Единствено во Македонија релативен молк и од страна на опозицијата, но и од партите на Албанците и во власт и во опозиција.
„Од она што можеме да го слушнеме од прес конференциите и од она кое што циркулира во јавноста, не можам да извлечам точен заклучок за што точно се работи, ниту пак имам било каква информација, но ќе повторам, за Македонија не постои друга алтернатива освен полноправно членство во рамките на Европската Унија“, вели лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
И тоа е се.

Со воздржан став е и Фадиљ Зендели од Беса. Вели „немало доволно информации, а и секој сојуз со Србија за Албанците е сомнителна работа“.

Флакрон Беџети од Алијанса на Албанците за Слободен печат вели дека тие подржуваат иниицијативата за регионална соработка, но смета дека членството во ЕУ нема алтернатива. Сепак при формирање на регионални иницијативи смета дека треба да се има предвид и ставот и учеството на Косово за да не дојде до негова гетоизација.
Загадочно е што побаравме став од ДУИ за „мал шенген“ но, одговор не добивме. Ниту од Артан Груби, ниту од Министерот за европски прашања Бујар Османи, иако и двајцата вчера имаа средба со Мајлинда Брегу, Генерален секретар на Регионалниот Совет за соработка, која многу позитивно се изјасни за оваа регионална идеа.

Ако од изјавите на опозициските партии на Албанците може да се заклучи дека сепак повеќе ја преферираат позицијата на Косово, ДУИ веројатно сеуште не можат да се одлучат на чија страна да се определат.

Можеби ќе ја изберат македонската!!!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот