Макрон преку писмо до Курти бара укинување на таксите со Србија
Суспендирање на сто процентната такса од страна на Косово и прекинување на кампањата против признавање на Косово од страна на Србија- напиша францускиот претседател.
Францускиот претседател Емануел Макрон упати писмо до косовскиот премиер Албин Курти во кое му честита за изборот на функцијата и притоа бара укинување на таксите на српските производи за да се овозможи продолжување на дијалогот, пренесува „Газета експрес”.
-Првиот чекор треба да биде продолжување на дијалогот, за кој сум подготвен да посредувам, преку организирање самит во Париз, наскоро, со лидерите на Косово и Србија, во соработка со канцеларката (Ангела) Меркел и високиот претставник на ЕУ, (Жозеп) Борел- напиша Макрон во писмото што француската амбасадорка во Приштина Марин Кристин Бутел му го предала на Курти.
Макрон пишува дека продолжувањето на дијалогот подразбира акции од двете страни.
-Суспендирање на сто процентната такса од страна на Косово и прекинување на кампањата против признавање на Косово од страна на Србија- напиша францускиот претседател.
Писмо до новоизбраниот косовски премиер Курти вчера испрати и американскиот државен секретар Мајк Помпео во кое исто така му честита за формирањето влада, но и посочува дека укинувањето на таксите на производи од централна Србија и Босна и Херцеговина треба да биде приоритет.