МАКЕДОНСКИ ФИЛМ во хорор-жанр: Нашата митологија содржи многу фантастични ликови и суштества

Краткометражниот игран филм „Сонот за крвта и душата“ во режија на Игор Алексов неодамна ја освои наградата за Најдобар интернационален краток хорор-филм на шестиот Интернационален независен филмски фестивал за краток и игран филм „Денот е краток“ во Венецуела.

Најтесниот избор на кратки филмови, во категотијата во која бил прикажан „Сонот за крвта и душата“ на Игор Алексов, на фестивалот „Денот е краток“ во Венецуела бил составен од филмови од САД, Грција, Германија и Малта. Приказната во македонскиот филм, во која ликот Марко е вампир, почнува кога тој од сон се буди пред зајдисонцето.

Од каде се појави интересот за хорор-жанр, кој кај нас е реткост?

– Отсекогаш сум сакал да работам филмови кои се исполнети со фантазија, а хоророт како жанр содржи многу фантазија. Кога се зачнуваше идејата за „Сонот за крвта и душата“ со авторот Александар Русјаков прво зборувавме за жанрот и одлучивме да искористиме дел од македонската митологија, која е многу богата и содржи многу фантастични ликови и суштества. По обемното истражување, научивме дека вампирите најмногу се застапени во нашата митологија и оттука почна да се развива идејата. После повеќе различни идеи, дојдовме до главната идеја, а потоа приказна почна сама да се отклопува.

На колку фестивали досега беше прикажан филмот и што лично ти значи наградата во Венецуела?

– Досега „Сонот за крвта и душата“ е прикажан на шест фестивали, од кои три се во Јужна Америка. Секоја награда многу значи за секој автор, без разлика колку е голем или мал фестивалот. Тоа е еден вид признание за трудот на целата екипа. Ние самите сме задоволни како го направивме овој краток филм и наградата е само потврда за тоа.

Главната улога во филмот ја толкува актерот Дејан Лилиќ

Филмот е во продукција на „Квазар Филм“. Режијата е на Игор Алексов, a сценариото го напиша Александар Русјаков. Главните улоги ги толкуваат Дејан Лилиќ, Јордан Симонов, Нина Деан и Ана Стојановска. Директор на фотографија е Душан Кардалевски, сценографијата ја изработи Влатко Зафирковски, костимите се на Раде Василев, а маската е на Горан Игњатовски.

За кастингот се погрижи Катерина Грубиќ. Дизајнот на звукот е на Дарко Спасовски и Горан Керкез. Музиката е на Дарко Спасовски. Анимацијата ја изработи Александар Стојановски. Монтажата е на Блаже Дулев, кој воедно е и продуцент на филмот. Македонската премиера на „Сонот за крвта и душата“ се одржа на фестивалот „Синедејс“ во 2018 година.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 23, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 21-22 март 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот