Македонките не се откажуваат од шминките и лаковите со светки

Шминка / Ансплеш / Jessica Johnston

Обиколката што „Слободен печат“ ја направи низ скопските парфимерии и на пазарите, јасно покажа дека продавачите немаат абер, ниту пак ја фермаат најновата европска забрана за микропластиката во козметиката, која стапи на сила на 16 октомври

Домашните трговци не слушнале за европската забрана за козметиката што содржи микропластика (читај светки). Дрогериите се полни со лакови, сенки за очи и сјај за усни што содржат светки, а судејќи според богатиот асортиман што им се нуди на македонските шминкерки, ќе помине уште долго време за тие сосема да исчезнат од рафтовите. Не помала е понудата на светкавата козметика и на зелените пазари, кои сосема слободно нудат секакви производи, особено на оние што сакаат да заблескаат пред претстојните празници.

Обиколката што „Слободен печат“ ја направи низ скопските парфимерии и на пазарите, јасно покажа дека продавачите немаат абер, ниту пак ја фермаат најновата европска забрана за микропластиката во козметиката, која стапи на сила на 16 октомври.

– Имаме сè што сакате. Сјаеви, лакови, пудри, сенки за очи. Не сме чуле за некаква забрана, ниту, пак, некој производител нè известил дека треба да ја повлечеме нивната палета – велат продавачите во една скопска дрогерија.

– Првпат слушам за вакво нешто. Додека стигне оваа забрана до нас, ќе поминат години. Па ние и не сме членка на ЕУ, а Македонките сакаат да светкаат во посебни пригоди – вели една шминкерка.

Сјајот во козметиката и разните светки треба да заминат во историјата по одлуката на Европската комисија (ЕК) со која се ограничува употребата на микропластика што намерно се додава на производите, поради што трговците на козметика во Хрватска, на пример, подготвуваат промотивна продажба на вакви производи. На 25 септември, ЕК донесе мерка со која, во согласност со законодавството на ЕУ за хемикалии (регулатива РИЧ), се ограничува микропластиката што намерно се додава на производите. Оваа мерка не се однесува само на козметичката индустрија, туку има и пошироки импликации, пишува Н1.

„Штотуку добивме е-пошта од познат производител на производи за нокти дека сите производи што содржат микропластика, ќе бидат повлечени од пазарот до 16 октомври. Списокот на производи е навистина долг бидејќи не станува збор само за лакови што содржат сјај, туку и за разни други делови од асортиманот, на пример пигменти и фолии што му даваат посебен сјаен изглед на маникирот, а во моментов се многу популарни на пазарот“, вели Вероника Терзиќ од Копривница.

Новите мерки имаат за цел да спречат ослободување на околу половина милион тони микропластика во животната средина. Применета е широка дефиниција за микропластика – ги вклучува сите честички од синтетички полимери што се со големина помала од пет милиметри, а се органски, нерастворливи и отпорни на распаѓање. Целта е да се намалат емисиите на намерно додадена микропластика од што е можно повеќе производи. Некои од многуте вообичаени производи опфатени со ограничувањето се грануларни материјали за полнење што се користат во вештачки спортски површини, козметички производи во кои микропластиката се користи за различни намени, детергенти, омекнувачи, сјај, ѓубрива, производи за заштита на растенијата, играчки, лекови и медицински производи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот